Пендаровски: Ќе бидам претседател на сите граѓани

Кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, денеска на трибина со жители на Бутел, истакна дека оваа општина со децении е пример за тоа како треба да функционира концептот едно општество за сите и заедништвото меѓу граѓаните од различните етнички заедници.

– Овде, во оваа општина, го минав најголемиот дел од животот со луѓе од сите етнички заедници. Мојот слоган е „Заедно напред“, тоа значи обединување, а не делби. „Едно општество“ за сите е концептот што почнавме да го реализираме од 2016 година. Јас ќе бидам претседател на сите граѓани и нема да делам по верска, национална или политичка припадност, рече Пендаровски.
Тој оцени дека оваа генерација политичари се зафатила и ги решава најтешките прашања. Тоа, посочи, доведе до покана за членство во НАТО и во јуни да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Со ова, како што рече Пендаровски, нашите политички претставници рамноправно ќе учествуваат во решавање на светските прашања, ниедно прашање за Македонија, нема да се решава без Македонија. Тоа ќе значи отворање на европските фондови, повеќе инвестиции, нови работни места и повисок стандард за сите граѓани, наведе Пендаровски.
Тој вечерва ќе учествува на граѓански трибини во скопските општини Шуто Оризари и Ѓорче Петров.