Пендаровски – Кара: Продолжува силното и традиционално пријателство меѓу Скопје и Анкара


Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Република Турција, Тулин Еркал Кара.

На средбата, двајцата соговорници разговарале за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, при што изразиле задоволство од силното и традиционално пријателство и од континуираниот позитивен тренд, како во политичките, така и во економските односи меѓу двете држави.

Претседателот Пендаровски, соопштија од неговиот кабинет, истакнал дека негувањето на стратешкото партнерство со Турција е од исклучително значење за Северна Македонија и изразил очекување за натамошно унапредување и зацврстување на соработката во сите области од взаемен интерес.

Потенцирал дека Северна Македонија високо ја цени и ја почитува континуираната помош од Турција на нашиот евроатлантски пат.

– Нашето членство во Северноатлантскиот сојуз позитивно ќе влијае врз натамошната регионална соработка и ќе придонесе за траен мир и стабилност на Балканот, заложби што заеднички ги споделуваат и Северна Македонија и Турција, порачал претседателот Пендаровски на средбата.

Амбасадорката Еркал Кара на претседателот Пендаровски му ги пренела честитките од турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, по повод стапувањето на функцијата и му посакала успех во работата, додавајќи дека Република Турција ќе продолжи да биде поддржувач на Република Северна Македонија.