Пендаровски ја зел новата плата – 165.000 денари
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, прв потврди дека зел плата по ново, со зголемување од 78 отсто по одлуката на Уставниот суд за укинување одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица.
На прашање на новинарите дали зел плата и колку, Пендаровски кусо одговори:
„По ново 165 000, по старо 93 000. Тоа го објавија сите медиуми“,
Покачувањето дојде откако Уставен реши да ја укине одредбата со која се замрзнува основицата по која се пресметува платата на функционерите. Основицата, инаку, е предвидена да се определува според просечната плата во државата и за да се дојде до платата што ја земаат избраните и именувани лица, таа се множи со коефициент.
Пендаровски претходно меѓу првите реагираше дека е невкусно во економска криза да се покачуваат платите што се исплаќаат од државниот буџет и повика да се најде законско решение со ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.