Пендаровски ја промовираше визијата „МКД2030“

Според претседателот, „МКД2030“ ги утврдува политиките кои треба да се постигнат до следната деценија и областите во кои треба да се фокусира државата


Стево Пендаровски за време на промоцијата на „МКД2030“

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја најави Рамката за развој „МКД2030“, која треба да биде стратешки документ и се изготвува на негова иницијатива.

Според него, „МКД2030“ ги утврдува политиките кои треба да се постигнат до следната деценија и областите во кои треба да се фокусира државата со цел напредок и подобар живот на граѓаните.

Ова е автентичен документ изработен преку консултативен процес со бизнис секторот, граѓанските организации, академска заедница и истакнати професионалци од повеќе области, рече Пендаровски. Преку приоритетите коишто ќе произлезат од „МКД2030“ ќе се калибрира Националната развојна стратегија 2021-2041. 

„Верувам дека реалната состојба ни е позната на сите – иселувањето на младите продолжува, пасивност на електоратот, ниска доверба во институциите, длабока поделба во општеството по повеќе основи и зголемена нееднаквост во примањата“, рече претседателот во обраќањето.

Од овие причини, истакна претседателот, потребно е преосмислување на постулатите на нашиот економски и социјален развој и споделена визија за разојот на државата, поткрепена со национален консензус и координирани политики согласно реалните потреби и очекувања на граѓаните.

Според него, „МКД2030“ се фокусира на дигитализација, децентрализација и демократизација, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, па се до образование и наука и борба против иселувањето на младите од земјава. Со документот ќе бидат опфатени и приоритети кои не се засебни, а се однесуваат на повеќе сектори, како што се изградба на ефикасна јавна администрација, создавање еднакви можности и борба против корупцијата.

Стрaтегијата треба да биде финализирана во средината на 2022 година.