Пендаровски ја осуди случката со Алиоски: Разликите треба да не’ обединуваат


„Она што му се случи на нашиот Езџан Алиоски е недопустливо и за осуда. Разликите треба да не’ обединуваат, а не да разделуваат. Tака е во успесите, но и во неуспесите на секое поле“, сподели претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски во врска со вчерашните случувања околу нашиот фудбалски репрезентативец, кој бил избркан од прилепски ресторан поради тоа што зборувал на албански јазик со своето семејство.

„Јас сум убеден дека огромно мнозинство од нашите граѓани прават разлика само врз основа на тоа што е добро, а што лошо, а не врз основа на тоа кој јазик го зборуваме, како се молиме или како изгледаме. Јас сум уверен дека огромно мнозинство од нашите граѓани веруваат и се застапуваат за тоа дека секој треба да има еднакви можности во Република Северна Македонија, богатството на земјата е во мултикултурното општество кое го градиме сите.

Езџан Алиоски за македонската репрезентација до сега одиграл 28 натпревари во различни натпреварувања, зборувајќи го јазикот што најдобро го знае на терен со постигнати пет голови и шест асистенции, а ја претставува земјата во шампионатот на Англија. Езџан продолжи да не’ радуваш со добрата и тимска игра, пример од кој учи целата држава“, додава претседателот.