Пендаровски ја дава Катица, но не и СЈО


Ја пушти Катица Јанева низ вода, застана зад СЈО, повика на законска, но и политичка одговорност за случајот „Рекет“, а на обвинителите што се одмораат им порача дека не е време за одмор и дека треба да спроведат брза истрага.

Ова накратко беа клучните пораки на претседателот на државата Стево Пендаровски кој вчера свика прес конференција за да го изнесе ставот за аферата што ја тресе државата. Притоа, „Рекет“ го нарече тежок криминал и ја покажа најтранспарентно разочараноста од јавната обвинителка, додавајќи сепак – ако е виновна.

„Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата ‘Рекет’ го кажав својот став, дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така“, рече Пендаровски, прецизирајќи дека мисли на судско-обвинителски делови од системот.

Откако ја нарече „огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува во прашање довербата на граѓаните во нас политичарите и во сопствената држава“, Пендаровски порача дека „Рекет“ мора да се расчистува брзо и темелно и притоа да има одговорност и по хоризонтална и по вертикална линија. Потоа, постави четири барања: ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата. доколку има докази да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се на функција или не и да понесат политичка одговорност не само кривична, независно дали се од власта или опозицијата. Најдобро би било, порача тој, сите оние чии имиња се споменати самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител. Како последно, шефот на државата најави дека им дава целосна поддршка на надлежните институции, а особено на Јавното обвинителство и судот и ќе ги употреби сите овластувања за да ги заштити од притисоци.

Тој рече дека сè уште верува во СЈО и смета дека и натаму е потребна институција која ќе се бори против високиот криминал и корупција во земјата како дел од Јавното обвинителство.
„Еден обвинител не може да го доведе во прашање трудот на целото СЈО“, порача Пендаровски. Лично, како човек, потврди дека од она што досега го знаеме, е разочаран во Катица Јанева.

– Не се сите обвинители и судии корумпирани. Најголемиот дел се доблесни професионалци со кредибилитет – рече Пендаровски.

Според него, помалку е важно кој ги набавил и ги објавил материјалите, туку дали тоа што е објавено е вистинито. Од медиумите побара внимателно да ги проверуваат информациите што се објавуваат бидејќи како што рече лажните вести имаат за цел да ја поткопаат довербата во институциите.

Тој исто така не смета дека поради скандалот е загрозена ЕУ перспективата на земјата, но предупредува дека тоа може да се промени.