Пендаровски, Силјановска или Река: Кој има подобар стил?


Леле, колку костумите добро му стојат на Пендаровски. А вратоврските ич не му се здодевни. А Силјановска, зошто се шета ненашминкана. Барем кармин да стави. А изгледа омилени ѝ се карнерите, секоја втора кошула ги има. Види го ти Река – елегантен, баш како професор и ексамбасадор.

Вака коментира македонската јавност додека ги гледа претседателските кандидати на говорница, додека се ракуваат со луѓето, пијат кафе во маалски или престижни кафулиња или шетаат низ пазарите и парковите во Скопје и ширум Македонија.

Претседателската кампања се мери и со стилот на облеката, не само со она што го зборувате на говорница, секој моден гаф како несоодветен збор може скапо да чини зашто вие сте репрезент на нацијата дома и во светот. Добар и соодветен изглед никогаш не одмогнал, туку може да помогне и да донесе екстра политички поени.

Јавноста тука и во светот знае да биде немилосрдна, да ве осуди за лош стил, но и за премногу брендирана и скапа облека. Компромисот и дипломатијата во водењето преговори се важни и за стилот на политичарите и претседателите.

Кој има подобар стил? „Независен весник“ ви открива.

Стево Пендаровски (56), како кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата и Блерим Река (59), кој е независен кандидат, поддржан од Алијансата на Албанците и движењето БЕСА – имаат стил, ги следат трендовите, сакаат да се чувствуваат удобно во облеката што ја носат и не се љубители на прстени и алки, строго само рачни часовници.

Од авион се гледа дека на згодниот универзитетски професор  Пендаровски, и пред пет години како претседателски кандидат и сега, му е важно како изгледа и што носи. Значи, облеката и модните додатоци да се марка, но истовремено и да е удобна. Пендаровски не сака да се фали во јавноста со етикетите што ги носи, но секое истренирано модно око од прва може да погоди дека тоа е квалитетно, значи и релативно скапо.

Не експериментира по секоја цена со костумите и кошулите, кои му се во посмирена варијанта, за разлика од вратоврските – од црвена до виолетова боја, која ретко сме ја виделе кај друг политичар. Блиските велат дека Стево приватно носи и спортска облека. Свесен е дека одлично му стои и елегантна и спортска гардероба и секогаш кога приликите му овозможуваат ги искористува овие стилски адути. Софистициран е до максимум во изборот на модните детали, како што се рачниот часовник и ремените.

Универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова (64), како кандидат поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, не сака премногу да се дотерува ниту да се шминка, како што призна и самата, не сака да се слика ниту за билборди, ама го почитува членството и мора да прави компромиси за својот имиџ во јавноста. Експонирањето очигледно не е дел од нејзината личност и професија како универзитетски професор. Стилот што го избира е, всушност, показ дека нема стил, дека досега не се занимавала толку со изгледот и наеднаш е во центар на внимание кој бара ангажман од професионалец или, пак, од добро упатен во модата и во протоколот.

Изборот на гардеробата е паушален, еднаш е во костум, па во џемпер, фотографите ја фаќаат и во капути, за време на митинзите, кога изгледа уморно, без енергија и секако, без шминка. Нема своја боја, облеката ѝ се движи од неутрални, розова до џиш црвена, како црвениот кармин на билбордите, како исклучок. Штета, како фигура баш е симпатична и со убави сини очи. Од модни додатоци, сака ѓердани, оние помасивни.

Пендаровски, татко на едно дете, во јавноста често е со сопругата, за разлика од Силјановска, мајка на две деца, која не сме ја виделе со сопругот откако е претседателски кандидат.

Блерим Река, татко на три деца, исто така, не го експонира семејството во јавност откако е претседателски кандидат. Неговото име го препознаваме како свекор на пејачката Туна Сејдиу за синот Илир, додека  беше амбасадор во Мисијата на ЕУ во Брисел.  Двојката по само една година брак се разведе.

Избраниот претседател по изборите на 21 април и на 5 мај, на кои ќе се избере петтиот претседател на Македонија, и во својот петгодишен мандат треба да го следи својот стил, ако е успешен, и да го усовршува.

Лејла Сабит       Фото: Борис Грданоски