Пендаровски и Вархеи разговарале за проблемите со Бугарија


Македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој денешнава интензивна агенда во Брисел ја почна со средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, ја подвлекол важноста од скорешното одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ. Во тој контекст, како што се наведува во соопштението на неговиот кабинет „се разменија мислења и информации за надминување на проблемите со Бугарија“.

Според соопштението, „двајцата соговорници разговараа за можностите за исчекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, во контекст на претстојните состаноци во ЕУ што треба да се одржат во мај и јуни годинава, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи“.

За средбата се огласи и Вархеи, кој на Твитер напиша: „Ја истакнав поддршката за официјално отворање на преговорите за членство и потребата Советот на ЕУ да се согласи за преговарачката рамка. Важно е Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение“.

На средбата со Вархеи Пендаровски изразил благодарност за неговиот ангажман и поддршка за реализација на договорот за распределба на 651.000 дози од вакцината „Фајзер“ за земјите од Западен Балкан, од кои нашата држава ќе добие 119.000 вакцини. Претседателот порача дека е клучно да се забрза процесот на вакцинација во претстојниот период и да се овозможи животот да се врати во нормала што побрзо, заблагодарувајќи се на ЕУ за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, како и за демонстрираната солидарност.

Пендаровски ја поздрави улогата на комесарот Вархеи во подготовката на економско-инвестицискиот план за Западен Балкан од страна на Европската унија.

На средбата со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак се разговарало за најновиот развој на настаните во регионот и ја истакнале важноста на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската унија.

Подоцна во текот на денот Пендаровски ќе се сретне со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, како и со известувачот за Македонија, Илхан Ќучук.