Пендаровски и Столтенберг договориле соработка околу епидемијата


Од посетата на Столтенберг на Скопје во 2019 година (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот Стево Пендаровски  во телефонски разговор го известил генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за состојбата со пандемијата на COVID-19 во  Македонија и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции. Двајцата разговарале за активностите кои НАТО ги презема со цел оваа здравствена криза да не премине во безбедносна, осврнувајќи се притоа на се поприсутните дезинформации и начините за справување со истите.

-Соговорниците изразија задоволство од фактот дека НАТО дава поддршка на своите земји-членки во логистичка и транспортна поддршка за транспорт на медицинска опрема, која е неопходна кај земјите членки, медицински персонал, како и употреба на иновативни технологии за креирање на медицинска опрема.Во таа насока претседателот информираше дека повеќе земји-членки на НАТО веќе дадоа помош на Северна Македонија, поткрепувајќи го во пракса сојузништвото во справувањето со глобална криза како пандемијата на COVID-19. Северна Македонија е исто така дел од здружениот информативен систем на НАТО, преку, Центарот за управување со кризи, кој е дел од програмата на НАТО наречена „Next generation incident system” која служи за подобра размена на информации и подобра соработка меѓу институциите во земјава, стои во соопштението од кабинетот на претседателот. 

Тој и Столтенберг договориле засилена комуникација помеѓу надлежните институции во претстојниот период како и размена на информации во делот на справувањето со пандемијата и организираните кампањи за ширење лажни вести.

-Заеднички беше констатирана  потребата од здружување на силите и нагласена солидарност меѓу сојузниците со цел успешно справување со кризата која има не само здравствена, туку и социјална и економска димензија, порачаа од кабинетот на Пендаровски.