Пендаровски и Радев ќе ја обновуваат довербата меѓу двете земји


Стево пендаровски и Румен радев пред полетувањето за Рим (Фото: Б. Грданоски)

Македонскиот и бугарскиот претседател денеска од скопскиот аеродром порачаа дека е време да биде обновена довербата меѓу двете земји откако односите паднаа на најниско ниво по блокадата на Софија на европскиот пат на Македонија.

Авионот со Румен Радев денска слета во Скопје за да го земе Стево Пендаровски  и заедно да заминат на чествувањето на Кирил и Методиј во Рим. Оваа идеја потекна од бугарскиот претседател.

„Мислам дека е потребно да направиме обнова на довербата и како пријатели да разговараме и за најтешките прашања. Оперативно разговорите помеѓу двете наши земји ги водат владите, така ќе биде и понатаму, но ние сме тука ако можеме да ја релаксираме атмосферата и да говориме за проблемот кој постои последнава година на еден поинаков јазик“, рече Пендаровски по кусата средба со Радев.

Изјавата на Радев беше во сличен тон: „Заедничкото патување во Рим е прекрасен повод да го обновиме дијалогот меѓу нашите две земји на највисоко ниво и да ја изразиме нашата заедничка волја за развој на нашите односи во духот на пријателството и соработката“.

Во соопштението од кабинетот на Пендаровски се наведува дека на кусата тет-а-тет средба се разговарало за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, во контекст на Договорот за добрососедство. Двајцата претседатели изразиле цврста определба за зајакнување на добрососедските односи и унапредување на политичкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Пендаровски истакна дека формалниот почеток на пристапните преговори позитивно ќе влијае за стабилноста и просперитетот на целиот регион и изразил очекување за поддршка од Бугарија на јунскиот Совет на ЕУ.

Фото: Б. Грданоски

Патиштата на двајцата претседатели ќе се разделат по слетувањето во Рим; Пендаровски денеска ќе има средба со италијскиот шеф на државата Серџо Матарела. Радев и Пендаровски повторно ќе бидат заедно кога ќе ја посетат базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде заеднички ќе им оддадат почит на Кирил и Методиј. (Н.В.)