Пендаровски и неговата сопруга се сретнаа со членки на Здружението за помош и поддршка на болни од крцином „Љубов сме – Jemi dashuri“


Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска денеска имаа средба со членки на Здружението за помош и поддршка на пациенти кои се лекуваат од карцином  „Љубов сме – Jemi dashuri“ и здравствени работници од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

Посетата се организира по повод Октомври – месецот за подигање на свеста за борба против ракот на дојка. Членките на Здружението им се заблагодарија на претседателот Пендаровски и неговата сопруга, за нивната досегашна поддршка и соработка. Исто така, тие ги запознаа претседателот Пендаровски и неговата сопруга со предизвиците со кои се соочуваат пациентите и здравствените работници во врска со оваа болест кај нас, се посочува во соопштението од Кабинетот на претседателот.

-Претставувајќи ја својата досегашна работа, од Здружението “Љубов сме – Jemi dashuri“ информираа за нивните активности насочени кон олеснување на патот на онколошките пациенти кон нивното подобро здравје, но и на нивните семејства кои ги придружуваат во борбата против болеста. Притоа, информираа за соработката со Министерството за здравство, особено со Клиниката за онкологија и радиотерапија во рамки на која постои Психолошки кабинет и во кој има библиотека со фонд на книги донирани од самите пациенти, посочуваат од Кабинетот на претседателот.

Изразувајќи поддршка за активностите за зголемување на свесноста за борбата против ракот на дојката, претседателот Пендаровски и неговата сопруга истакнаа дека истите се од големо значење особено за поттикнување на самопрегледите и редовните контроли кои се клучни во навременото откривање и превенцијата од ова заболување.

Посетата на членките од Здружението „Љубов сме – Jemi dashuri“  се реализира во рамки на Отворен Кабинет, а ним и биле претставени историски податоци за објектот,  биле информирани за работата и надлежностите на претседателот Пендаровски, а ги посетија и просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби. Тие имаа можност во Мозаик салата да го разгледаат и импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“, изработен од академик Глигор Чемерски.

Отворен Кабинет е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, инициран за да се овозможи реализација на директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Во рамки на активноста Кабинетот го посетуваат граѓани од различни возрасти и области на занимања, организации, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта од земјава, посочуваат од Кабинетот на претседателот.