Пендаровски и Мицкоски: Љубовта заврши уште пред да почне
Последната средба во четири очи со јавен спектакл покажа дека од вакви разговори може да има повеќе штета отколку корист, затоа што парцијалните толкувања не градат мостови
Она што изгледаше како почеток на една воздржана политичка љубов изгледа дека се распадна уште пред да почне. Но двајцата актери – Стево Пендаровски и Христијан Мицкоски – на извесен начин можат да бидат задоволни: комуникацијата меѓу нив поплочена со слични изјави за 27 април, сега тешко дека ќе може да се враќа назад во глечерското време. Па макар меѓу нив и натаму да остане недовербата.
Без оглед кој колку сега вели дека е дволичен или дека тие всушност само си ги изнесле своите ставови за 27 април, оваа средба го отвори патот за притисокот на политиката врз судството. И тоа на очиглед на јавноста, која треба да верува во зборовите на сите дека од судството и правната држава треба да се тргнат политичките раце.
Обвинителката Вилма Русковска наеднаш се најде на бришан терен речиси осамена по вчерашната средба, па во емисијата „360 степени“ на Алсат мораше да го повторува она што го кажа претходно повеќе пати – дека никој од оние што беа осудени за 27 април не е терорист, туку дека тие одговарале за терористичко загрозување на уставниот поредок.
„Овде никој не е обвинет за тероризам, ниту одговара за тероризам. На пример, обвинети за тероризам беа лицата од Диво насеље, а овде никој не е обвинет за тероризам“, рече Русковска.
Опозициската Алијанса за Албанците остана доследна на своите ставови и денеска соопшти дека „со вчерашната средба правдата е погребана. Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, одлучуваат и вршат притисок врз судовите и обвинителството во врска со најсериозниот терористички акт во земјава, насилството врз највисоката институција и избраните претставници на народот“. Тој нивни став не се разликува по ништо од реакцијата по протестот на македонската опозиција на кој се бараше слобода на „уставобранителите“.
Кога има разговори во четири очи за кои јавноста е спектакуларно известена тогаш можностите пост фестум да се објаснува содржината речиси да не се ограничени: секој може да земе по едно парче од разговорите и да го објаснува како сака. Особено ако нема записници. Така беше и со средбата на Зоран Заев и Христијан Мицкоски, а тоа се случува и сега.
Мицкоски кој до пред три дена го обвинуваше Пендаровски дека е „слуга“ на „стопанот“ Заев, па ден пред средбата и по неа се воздржа од ваквите зборови ,денеска ѝ се врати на старата реторика обвинувајќи го шефот на државата дека бил „дволичен“. Според него, тие двајцата се согласиле за сѐ, но потоа меѓу двете изјави, наводно, Пендаровски бил подложен на притисок „од повеќе страни“. Кои биле тие страни не кажа, важно ја даде оценката.
„Дури и вака притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека доколку има нови докази овој случај, како и многу во минатото, треба да започне од самиот почеток“, рече Мицкоски.
Претседателот Пендаровски возврати дека неговите ставови „за настаните од 27 април ѝ се кристално јасни на македонската јавност и тие воопшто не зависеа од средбата со господинот Мицкоски. Фактот што по вчерашната средба немаше заедничко соопштение, ниту заедничка прес-конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците по средбата ги кажуваше само своите ставови и оценки за тие настани“.
Ваквите дообјаснувања веројатно би требало да бидат конечна потврда дека вакви средби проследени со медиумски и политички спектакл треба да престанат. Политичките функционери треба да се среќаваат, тоа е апсолутно пожелно, но потоа да се прави некаков политички капитал за настани толку трауматични како 27 април не само што е апсолутно непотребно, туку е и вознемирувачки за јавноста. Полтичарите треба да мислат повеќе на граѓаните и на нивните трауми од шокантните слики од 27 април, а не да се обидуваат да поентираат онаму каде што нема никаква потреба.
Тоа се обиде да го направи и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој исто така непримерно се впушти во правни кавлификации за процесот за 27 април. Според Ахмети, квалификацијата „тероризам“ била претешка за осудените и даде правно толкување, како да е експерт по кривично право: „Применето е насилство врз народните избраници, применета е бруталност, но не и тероризам. Се знае што значи тероризам“, рече Ахмети.
Работите стануваат политички неподносливи. Доколку одбраната побара од Врховниот суд да ги преиспита пресудите и ако највисокиот суд донесе таква одлука, осум од десет луѓе во државава ќе веруваат дека тоа е направено под голем политички притисок. И со тоа политичарите ќе ја направат најлошата можна „услуга“ за владеење на правото, па макар и да не се вмешале во самата постапка во Врховниот суд. Но, како што велат Англичаните – Damage is done (Штетата е направена) и довербата во судството ќе падне уште неколку скалила подолу, до самото дно. Со неверојатна заслуга на политиката. (Љ.П.)