Пендаровски и Џафери посебно се сретнаа со Зеленски во Тирана
Прво шефот на државата се сретна со претседателот на Украина во Тирана, а потоа и премиерот на техничката влада. И двајцата беа дел од самитот Украина – Југоисточна Европа.
Пендаровски и Зеленски разговарале за последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признаени граници.
Пендаровски го реафирмирал ставот дека Македонија од самиот почеток силно ја осудува агресијата на Руската Федерација врз Украина која претставува повреда на Повелбата на ОН и принципите на ОБСЕ.
Тој му соопштил на Зеленски дека нашата земја се приклучи на Кримската платформа, ја усвои Декларацијата за осуда на воените напади против територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, се приклучи на Заедничката декларација на Г-7 за поддршка на Украина, на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и го поддржа формирањето на Специјалниот трибунал, кој ќе ги истражува и гони сите злосторства на агресија извршени од страна на Руската Федерација.
На средбата, како што се наведува во соопштението на неговиот кабинет, Пендаровски ја поздравил одлуката на Европскиот совет за отворање на преговори за членство на Украина во ЕУ и истакна дека Македонија, како земја-членка на НАТО, останува посветена на политиката на отворени врати и ја поддржува апликацијата на Украина за членство во Алијансата.
Володимир Зеленски изразил благодарност за цврстата позиција и севкупната поддршка којашто Украина ја добива од нашата земја.
Според фотографиите, во делегацијата на Пендаровски беа негови советници и амбасадорот Данчо Марковски.
Премиерот Талат Џафери на средбата со Зеленски беше придружуван од министерот за надворешни работи, Бујар османи и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.
Џафери и Зеленски, како што соопшти владината прес-служба, по средбата потпишале заедничка изјава за евроатлантските интеграции на Украина.
Во изјавата заеднички се осудени злосторствата од вооружените сили на Руската Федерација врз цивилно население и цивилна инфраструктура на Украина, вклучително и енергетски објекти, училишта, болници и станбени згради, коишто се заштитени со меѓународното хуманитарно право. Нагласена е потребата за итно и целосно повлекување на сите трупи и вооружени формации на Руската Федерација од суверената територија на Украина, во рамките на нејзините меѓународно признаени граници од 1991 година.
Посебно е нагласен заедничкиот став за потребата од дополнително зајакнување на консолидираниот капацитет на евроатлантската заедница, со цел ефикасно спротивставување на постојните и на потенцијалните глобални предизвици и безбедносни закани.
Џафери нагласил дека чувствува посебна, лична одговорност и обврска, по добиениот Орден на Принцот „Јарослав Мудриот“ од претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук во 2022 година, да продолжи активно да дава личен придонес во зајакнувањето на меѓудржавната соработка и во поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина.
Зеленски, како што се наведува во соопштението, изразил благодарност до Владата и граѓаните на Северна Македонија за силната и сеопфатна поддршка, пред сѐ политичка и воена на земјата, како и за приемот на украински бегалци. Потенцирал дека Украина посебно цени што Северна Македонија се приклучила кон Бучанската Декларација за повикување на одговорност за најтешките воени злосторства извршени на територијата на Украина.