Пендаровски го посети Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз


Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во Париз го посети Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО, каде што оствари средба со Жан-Франсоа Хуше, претседател на ИНАЛКО, со Фроса Пејоска-Бушеро, шеф на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО и со Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик на овој Институт.

-На средбата со Жан-Франсоа Хуше, претседателот на оваа реномирана јавна установа од научен, културен и стручен карактер, којашто е под надзор на француското Министерство за високо образование, истражување и иновации, претседателот Пендаровски беше запознат со историјатот на ИНАЛКО кој е создаден во 1795 година како наследник на Училиштето за oриентални јазици основано во 1669 година, како и за основните и применети специјализирани истражувања на Институтот и неговиот придонес како место за средба на светските култури и промоција на културната различност, информира  Кабинетот на Пендаровски.

Како што е наведено во соопштението, соговорниците размениле мислења за иднината и позицијата од научна и стратешка перспектива на малите јазици, каде што припаѓа и македонскиот јазик, и разговарале за пристапот на ИНАЛКО кој овозможува збогатена академска и културна размена и соработка меѓу Северна Македонија и Франција.

-Изразувајќи задоволство од петдецениското опстојување и функционирање на Лекторатот по македонски јазик во рамките на ИНАЛКО, претседателот Пендаровски истакна дека е исклучително важно што македонските студии се прифатени во категоријата ретка научна дисциплина, која обезбедува стабилност во истражувањата и гарантира признавање, заштита и зачувување на македонистиката во ИНАЛКО, со неможност да се спои со други студии, соопшти Кабинетот. 

На средбата со Фроса Пејоска-Бушеро, шеф на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО, со Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик на институтот ИНАЛКО, лектори и студенти, претседателот Пендаровски бил информиран за работата на првата професорска катедра по македонистика, основана надвор од државава, како и за полувековниот јубилеј од отворањето на Лекторатот по македонски јазик и иницијативите за продлабочување на соработката и вложување во развојот на македонистиката во Франција.

Професорите информирале за непрекинатата 50-годишна работа на Лекторатот по македонски јазик, за соработката со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и за зголемениот интерес за македонистиката на ИНАЛКО.

За време на посетата на ИНАЛКО, претседателот Пендаровски се сретнал и со професори, слависти, македонисти и студенти кои, како што се наведува во соопштението, ги споделиле нивните впечатоци и искуства.

-Студентите се од цел свет – Конго, Грција, Албанија, Франција, но сите со една желба да го научат македонскиот јазик, соопшти Кабинетот на Пендаровски чија посета на ИНАЛКО во Париз е  прва од  македонски претседател.

Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО спроведува истражувачки проекти во повеќе од сто земји и остварува заедничка обука со странски универзитети и е референтен за обука и истражување на денешните јазици и цивилизации.

Претседателот Пендаровски престојува во работна посета на Париз по повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов и 30-годишнината од македонското членство во УНЕСКО, каде што утре ќе се одржи меѓународен симпозиум во чест на Шопов, поетски перформанс и изложба.