Пендаровски го екипира тимот и го чека Заев на кафе


Повеќе имиња од универзитетската фела и од новинарски и политички кругови се споменуваат како идни советници на новиот претседател Стево Пендаровски, иако никој од споменатите не „признава“ засега дека ќе биде дел од тимот. Пендаровски, според информациите, вчера ги правел завршните консултации околу составот на неговиот кабинет, иако уште за време на кампањата изјавуваше дека веќе знае кого ќе ангажира во тимот.
Речиси извесно е дека советник на новиот претседател (веројатно за национална безбедност) ќе биде професорот Александар Спасов од Катедрата за политички науки на Правниот факултет во Скопје. Спасов, кој беше во екипата на Пендаровски и за изборите во 2014 година, ни изјави вчера дека не може официјално да потврди дали ќе биде во кабинетот на новиот претседател. Нема официјална потврда дали и досегашниот портпарол на владата Миле Бошњаковски ќе го напушти премиерот Зоран Заев и ќе се пресели на Водно, но сега не како портпарол, туку како советник, а можеби и шеф на кабинетот. За односи со јавност, пак, можно е да биде ангажирана Катерина Цаневска-Арсовска, која беше во градоначалничкиот кабинет на Андреј Жерновски во Центар, а сега е во парламентот. Се спомнува и Тоше Зафиров, кој беше ангажиран за односи со јавност во штабот на Пендаровски на неодамнешните избори.
Во игра се и други имиња, како судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, амбасадорот Александар Тавчиовски, Ана Чупевска од Правниот факултет, невладината активистка Мерсиха Смаиловиќ, но тоа засега е во доменот на шпекулациите.
Пендаровски треба наскоро да постави и тројца надворешни членови на Советот за безбедност. Покрај тоа, во ова тело по функција членуваат и премиерот Зоран Заев, претседателот на парламентот Талат Џафери и министрите за надворешни, внатрешни работи и за одбрана. Во случајов тоа се тројцата министри кои, покрај Пендаровски, важеа за најсериозни можни претенденти за претседателската кандидатура од СДСМ – Никола Димитров, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска. Инаку, по смената на власта, кон средината на 2017 година, Иванов ниту еднаш не свика седница на Советот за безбедност.
Освен што треба да потпише триесетина закони што му останаа во „наследство“ од Ѓорге Иванов, Пендаровски во наредниот период ќе треба да постави и амбасадори во триесетина дипломатско-конзуларни претставништва, кои подолго време се празни поради проблематичните односи на Владата со досегашниот претседател Ѓорѓе Иванов. Министерката Шекеринска, пак, изјави деновиве дека Пендаровски како нов претседател има ингеренции да одлучува, односно да ги поништи унапредувањата и именувањата во армијата што ги потпиша Иванов во периодот на предизборието, за што отвори предмет и Антикорупциската комисија. Иванов, меѓу другото, тогаш именуваше воени претставници на земјава во Париз и во седиштето на НАТО во Брисел.

Вчерашниот прв работен ден Пендаровски го искористи за средба со амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар. Пендаровски, како што се соопштува, му укажал на европретставникот дека почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата. Жбогар, пак, му предал на Пендаровски писмо со честитки од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и од претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. На средбата биле разменети мислења за реализација на приоритетите и реформите на земјава во однос на европските интеграции.
-Очекуваме од лидерите на членките на ЕУ да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите – истакнал Пендаровски. Двајцата соговорници се согласиле дека Северна Македонија е единствена функционална демократија во регионот, со оглед на успешно организираните и спроведени претседателски избори, изборот на претседател, како и коректноста на опозицијата во контекст на изборниот процес и признавање на резултатите и волјата на граѓаните. Било констатирано дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во земјава
Засега останува непознато кога Пендаровски ќе го прими во резиденцијата премиерот Зоран Заев, кој како лидер на СДСМ ја поддржа неговата кандидатура за претседател и сега и во 2014 година, ама не присуствуваше на инаугурацијата во неделата. Точните причини за отсуството на Заев останаа и вчера непознати, освен што од опкружувањето на премиерот велат дека тој единствено имал потреба од одмор, со оглед на набиената агенда што ја имал во последните месеци и обврските што му престојат. Се очекува Заев да се врати на работа в среда, така што и со денешната седница на Владата веројатно ќе претседава некој од вицепремиерите.
Што се однесува до отсуството на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на инаугурацијата, од Собранието велат дека биле поканети сите кои се на пресеанс-листата. Според досегашната пракса, велат од Собранието, на инаугурациите никогаш не биле поканети лидери на политички партии кои не се пратеници. Сепак, за разлика од претходните инаугурации на македонските претседатели, со исклучок на првата инаугурација на Иванов – во 2009 година, овој пат во салата имаше и пратеници од сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што е своевидна порака дека партијата ги признава резултатите од изборите на 5 мај. Пендаровски, пак, во своето прво обраќање посебно нагласи дека планира да оствари соработка со опозициските партии. (A.M.M)