Пендаровски ги „раздели“ НАТО и изборите


Датумот за предвремени парламентарни избори не треба да се поврзува со ратификацијата на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Тоа е ставот на претседателот Стево Пендаровски откако во политичката арена се отвори дебата дали заокружувањето на процесот за членство на земјава во Алијансата може да влијае на планираниот датум за предвремени избори на 12 април.

Исто така, наспроти спикерот Талат Џафери, кој оцени минатата седмица дека Собранието не може да заседава откако ќе биде распуштено, Пендаровски забележа вчера дека парламентот има можност да работи додека не се верификуваат мандатите на новите пратеници. Овој став Пендаровски, веројатно, го базира на членот 66 од Уставот, според кој „Собранието е во постојано заседание“. Спикерот Џафери, од друга страна, напомена дека, ако Протоколот за НАТО стигне во македонскиот парламентот по распишувањето на изборите, тогаш неговата ратификација ќе биде обврска на новиот собраниски состав.

– Не е мое да кажувам дали изборите ќе бидат на 12 април или не. Она што би сакал да го коментирам во однос на можноста за некакво одложување е врзано со ратификацијата на пристапниот Протокол за НАТО и во нашиот парламент. Кога ќе завршат сите ратификации, кај сите земји членки, и ние ќе треба да го ратификуваме тој протокол во македонскиот парламент. Во однос на тоа не треба да има никаква дилема. Парламентот постои и е активен сè додека не се избере следниот парламент – изјави вчера Пендаровски.

Според него, станува збор за дилеми од правна и техничка природа.

– Кога имате правно кажано техничка влада, мора и да има и технички парламент. Не може да има само техничка влада, а парламентот воопшто да не функционира. Ако дојдеме до таква ситуација, ќе се ратификува Протоколот без разлика кој месец да биде. Датумот на изборите не треба воопшто да е доведува во корелација со тоа – изјави Пендаровски.

Шефот на државата истакна и дека продолжуваат дипломатските активности за почеток на преговорите со ЕУ и дека Франција е во фокусот на лобирањата.

– Практично, од првиот ден, веднаш по бриселскиот самит на ЕУ, правиме напори да добиеме средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република и директно со претседателот Макрон, за да видиме што точно побаруваат од нас и да ја надмине таа крајно непријатна ситуација – рече Пендаровски. (П.Р.)