Пендаровски ги посети припадниците на Армијата ангажирани на јужната граница


Фото: Б.Грданоски

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, во придружба на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска во Гевгелија и во Богданци ги посетија припадниците на армијата кои се ангажирање за чување и штитење на јужната граница со Грција.

Пендаровски потсетувајќи дека како држава на овој дел од границата ја продолживме кризната состојба за шест месеци, а тоа во континуитет го правиме веќе четврта година, нагласи дека на брифингот со надлежните старешини било изнесено оти нема никакви индикатори за зголемување на бројката на мигранти и бегалци.

Според него, добро е што сме подготвени бидејќи ако има зголемување на таа бројка да ги пречекаме, рече, низ процедура и низ соработка со меѓународната организација за миграции.

– Како што Република Северна Македонија беше една од најважните алки во тој синџир за време на големата бегалска криза на таканаречената Балканска рута и како што добивме највисоки можни оценки, најдобри квалификации за пречекот и прифатот на тие бегалци,така сме и сега подготвени ако затреба да постапиме на сличен начин, рече Пендаровски.

Врховниот командант упати пофалби до припадниците на нашата Армија и до припадниците на МВР кои работат овде веќе четврта година редовни ротации, во различни временски услови,со цел ние да бидеме безбедни и да ги чуваат безбедни нашите граници.