Пендаровски е за ветинг на правосудството под меѓународен мониторинг

Немаме капацитет за ветинг, рече претседателот Пендаровски во емисијата „Патот кон“, во телевизија Алсат прашан за процесот на ветинг.
„Ќе го спроведуваат овој ветинг истите тие што се во државата. Не зборувам за претседателот, премиерот конкретно, туку кој ќе го спроведува ветингот?! Кој орган? Ќе пишуваме во закон, но нели е тоа истиот човечки материјал, дали е во правосудството, или е во политиката кој доведе до овие 8 отсто доверба и 92 отсто недоверба?! Истиот!“, рече Пендаровски.
Споед него, правосудниот систем во земјава е лош и испорачува слаби резултати.
„Не е само тој надлежен во борбата против корупцијата. Нашето однесување, на политичарите, на локално и на централно ниво во однос на непотизам, тендери, наддавање, е примарен генератор за корупцијата да биде на вакви размери. За волја на вистината, перцепцијата за корупцијата е прилично поправена како оценка, но недоволно и во западно-балкански рамки. Далеку сме од просекот. Подобро е со личен пример да покажеме дека сме насочени кон тоа да имаме нула толеранција кон корупцијата“, рече Пендаровски.
Претседателот е за спроведување процес на ветинг, но тоа да го направиме под силен мониторинг на ЕУ.
-Сакам да видам луѓе од Брисел кој заедно со нас тука ќе го работат тој ветинг, додаде Пендаровски.