Пендаровски до Софија: Немаме време да смируваме нечиста совест
Преговорите се можност за намалување на евроскептицизмот преку враќањето на Европската унија на голема врата кај нас и во регионот, изјави претседателот

Претседателот Стево Пендаровски, откако го оцени значењето на извештајот на ЕУ во контекст на започнатите преговори за членство, забележа дека тој доаѓа во време на растечки европесимизам меѓу македонските граѓани, како резултат на бавната евроинтеграција. Според него, јасно е дека досегашниот застој се должеше не само на недостигот на реформи, туку пред се на заморот од проширување и отворените блокади и непринципиелни барања од една земја-членка во процесот.
„Иако одговорноста за темпото на интеграциите е споделена, последиците не се, бидејќи нив ги чувствуваат само македонските граѓани. За прв пат од 1991-та, поддршката за евроинтеграциите не можеме да ја земеме здраво за готово, бидејќи граѓаните се при крај со трпението“, предупреди Пендаровски.
Притоа тој упати пораки и на официјална Софија ако добие желба пак да ги зголемува барањата од процесот.
„Во неколку наврати македонските граѓани и нивните избрани политички претставници прифаќаа тешки компромиси без преседан во модерната историја, се во името на европската иднина. Не еднаш беше подгреван ентузијазмот кај луѓето кога се чинеше дека се наоѓаме пред самата порта на Обединета Европа. И речиси секогаш тие очекувања беа изневерувани поради барања и блокади кои реално не беа поврзани со европските вредности. На внатрешен план, закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација во општеството, партизација на институциите, економска стагнација и најтешкото и најболното, масовно иселување на младите.
Објективно говорејќи, единствено, континуитетот во преговорите може да ја промени ваквата состојба. Прифаќајќи го францускиот предлог, ја надминавме бугарската блокада. Но, во овој момент, не можеме да ја исклучиме можноста од евентуални идни провокации на политички субјекти со анахрони погледи, како и непринципиелни и во суштина неевропски барања што ќе задираат во нашите идентитетски одредници. Но, во Европа, треба да му биде секому јасно дека партнери за таков дијалог овде нема да најдат. Не смееме да трошиме време и енергија за да смируваме нечија нечиста совест“, рече Пендаровски чија острица, за разлика од премиерот Димитар Ковачевски кој ја насочи кон опозицијата, ја насочи кон соседната држава и ЕУ.
Тој потоа нагласи дека за продолжување на преговорите ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени, повторно во име на европската иднина.
„Во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање, а, тој процес да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација“, рече Пендаровски.
Според него, реалната европска перспектива е најдобниот начин за градење отпорност кон авторитарните лидери и погубните геополитички алтернативи.
„Преговорите се можност за намалување на евроскептицизмот преку враќањето на Европската унија на голема врата кај нас и во регионот. Тоа може да се постигне само преку поголема видливост на Унијата со своите механизми, иницијативи, критики и структурни фондови. Граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата, не како далечно, безлично бирократско тело, туку, како нивен сојузник во напорите за подобар живот, тука, во Северна Македонија“, рече Пендаровски, па ги повика сите политички сили да дадат придонес .
„ Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции“, предупреди пендаровски, очигледно охрабнрувајќи ги тие што се противат на уставни промени да го сменат ставот, со крајна порака дека европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура.
„Ако успееме да изградиме демократско и просперитетно општество, со сите нишани, дури тогаш ќе можеме да кажеме дека независната македонска држава, конституирана во 1991-та конечно ќе го добие своето историско оправдување и логика“, порача тој. (Н.В.)