Пендаровски до Бајден: Oчекувам македонско-американското стратешко партнерство да продолжи


Претседателот Стево Пендаровски ја честиташе победата на Џо Бајден за претседател на САД, како и на потпреседателката Камала Харис.

-Честитки за Џо Бајден и Камала Харис за изборната победа! Очекувам македонско-американското стратешко партнерство да продолжи, а САД да ја реафирмира својата глобална улога во зачувувањето на заедничките вредности: мирот, безбедноста и демократијата, напиша претседателот Пендаровски на својот Фејсбук профил.

Изборот на Бајден му го честитаа и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Посакуваме многу успеси, плодна работа и истрајност во борбата против глобалните предизвици. Се надеваме дека политиките на меѓународно поле ќе донесат мир и стабилност и ќе го обезбедат толку посакуваниот просперитет на секаде во Светот, но и во нашиот регион. Светот минува низ тежок период, можеби најтежок по Втората светска војна, затоа потребни се одлучност, крупни чекори и промени. Секој поединечно може да направи добри работи, но сите заедно и обединети во нашите заеднички цели можеме да постигнеме големи дела, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашиот голем пријател Џо Бајден се врати, сега е на чело на Соединетите Американски Држави. Му посакувам добро здравје, успех и добра работа на претседателот Бајден и им честитам на Соединетите Држави за завршувањето на изборниот процес и новоизбраниот Конгрес, Сенатот и Белата Куќа. Голема благодарност и до претседателот Доналд Трамп и неговиот придонес во изминатите 4 години.Нашето пријателство со Соединетите Држави е вечно“, напиша Ахмети во својата честитка до новоизбраниот претседател Бајден.

Претходно честитка до Бајден упати и премиерот Зоран Заев.