Димитров кај Пендаровски: Потребна е поконкретна соработка

Севкупните состојби во Република Северна Македонија, како и состојбите во регионот биле тема на денешниот разговор меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Никола Димитров. 

На средбата, како што соопшти кабинетот на претседателот, станало збор и за идната соработка меѓу двете институции.

 –Претседателот Пендаровски и министерот Димитров се согласија за потребата од конкретна и суштинска соработка меѓу Кабинетот на претседателот и Министерството за надворешни работи за прашањата од споделена надлежност, а во функција на усогласен настап на меѓународен план и реализација на стратешките цели на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.

На средбата се разговарало и за функционалноста на постоечката дипломатска-конзуларна мрежа и за потребата од скорешно пополнување на приоритетните дипломатско-конзуларни претставништва, со цел непречена реализација на надворешно-политичките приоритети.

Пендаровски и Димитров изразиле очекување за валоризација на севкупните напори на земјата од страна на Европскиот совет и одредување на датум за пристапни преговори на Република Северна Македонија со Европската унија.