Пендаровски денеска ќе прими делегација на Македонците од Бугарија

ОМО Илинден-Пирин и ОМО Илинден, кои Софија одбива да ги регистрира, бараат реципроцитет во третманот на малцинствата кај нас и во Бугарија


 
Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе прими претставници на повеќе македонски здруженија од Бугарија. Средбата се одржува на иницијатива на организациите ОМО Илинден-Пирин и ОМО Илинден кои официјално не се регистрирани во Бугарија. 
 

Во барањето испратено до македонскиот претседател на почетокот на годинава Македонците од Бугарија ја споменуваат и неодамнешната средба на бугарскиот претседател Румен Радев со претставници на неколку регистрирани здруженија на Бугари од Македонија и на една политичка партија. 

Во писмото Македонците од Бугарија велат дека внимателно ја следат ситуацијата со напорите на Македонија за членство во ЕУ и велат дека безрезервно ги поддржуваат аспирациите на етничките браќа од Македонија за достојно место меѓу народите на демократска Европа.

„Сметаме дека постоењето на Македонци од двете страни на границата е предуслов за мост меѓу двете земји и народите во нив. Ова наше сфаќање не го делат властите во Република Бугарија, каде на ниту еден начин не сме застапени и не можеме да се изразиме. Властите во Бугарија демонстрираат ефикасна комуникација со самоидентификуваните како етнички Бугари во РСМ, што за нас е за почит, но необјаснив е односот кон нас. Пример за тоа е односот на самоидентификуваните етнички Бугари во РСМ и претседателот Румен Радев. Сметаме дека реципроцитетот би бил знак за еднаквост меѓу бугарскиот и македонскиот народ“, се вели во писмото до Пендаровски на раководствата на ОМО Илинден-Пирин и на ОМО Илинден.