Пендаровски: Човековите права треба да се почитуваат секаде и секогаш, без исклучок

Одбележувајќи го Меѓународниот ден на човековите права се потсетуваме дека овие универзални придобивки се родија од најголемите кризи на човештвото. Напишана во свет кој се опоравуваше од ужасите на Втората светска војна, Универзалната декларација за човековите права беше првиот глобален документ којшто создаде морална обврска за почитување на вроденото достоинство и еднаквост на секој човек. Од тоа достоинство произлегува правото на живот, слобода, лична безбедност, еднаквост пред законот. Слободата на мисла, совест и религија, на изразување и собирање, социјалните, економските и културни права се дел од фундаменталните, неотуѓиви и меѓузависни човекови права и слободи кои се бедем против обидите за нарушување на интегритетот на личноста.

Сепак, милиони луѓе, вклучително и наши граѓани не ги уживаат универзалните права поради низа структурни нееднаквости и системски неправди, поради говор на омраза, дискриминација, насилство и нетрпеливост кон различностите.

Не смееме да бидеме рамнодушни и да игнорираме какво било непочитување на основните човекови права, што може да ескалира во која било форма на насилство. Секој од нас е должен да даде јасна поддршка на активистите и борците за човекови права.

Годинава, Меѓународниот ден на човековите права го одбележуваме во време на пандемија на Ковид-19, којашто уште повеќе го нагласи значењето на доследното почитување на правата на сите луѓе, без разлика на родот, расата, попреченоста, религијата, политичкото убедување, сексуалната ориентација, националното или социјално потекло, социјалниот или друг статус.

Со уште поголема посветеност да се залагаме за заштита на човечкото достоинство, со посебно внимание кон ранливите членови на нашето општество. Човековите права треба да се почитуваат секаде и секогаш, без исклучок, порачува претседателот Стево Пендаровски.