Пендаровски: Бугарите во Уставот не се закана за внатрешната стабилност


 

Многупати досега имам кажано дека внесувањето на помалите етнички заедници во Уставот, вклучително и на Бугарите, нема да ја загрози безбедноста на државата, ниту ќе ја разниша нашата внатрешна стабилност. Токму затоа го поддржав процесот за уставни измени и делегирав свој претставник во работното тело, рече претседателот на државата Стево Пендаровски.

Во воведно обраќање на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“ во организација на ЦИВИЛ-Центар за слобода, шефот на државата истакна  дека е убеден дека колку сме поразлични, толку е поширок хоризонтот на можности.

Историското искуство не научи да не се плашиме од различните, туку да ја прифатиме и почитуваме различноста. Во сите наши државотворни акти, од Крушевскиот Манифест, па се до Рамковниот договор се провлекува суптилната нишка на инклузивност на различните етникуми. Нашиот модел на соживот надживеа државни системи и идеологии, војни, конфликти и бројни кризи, во меѓувреме.

Се разбира, тоа не значи дека имаме луксуз да живееме на стара слава. Работата е далеку од завршена, затоа што прашањето на меѓуетничка кохабитација никогаш не можете да го архивирате како дефинитивно одговорено. Ни треба многу поголема политичка и институционална поддршка за помалубројните етнички заедници со цел да го зајакнеме специфичниот македонски модел на соживот. Наспроти некои толкувања, Рамковниот договор не е само македонско-албански договор, туку е договор за сите. Договорот подразбира целосна интеграција во институциите на државата не само на Албанците, туку и на сите етнички заедници во Северна Македонија, независно од нивната бројност. И сето тоа зависи само од нас и од нашата подготвеност да ја прифатиме различноста како општо добро, рече Пендаровски.