Писмото од Стоев до Османи е маркетиншки трик, вели Пендаровски


Фото: Б. Грданоски

Писмото што бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, му го испрати на неговиот македонски колега, Бујар Османи, е само маркетиншки трик поврзан со предизборната кампања во Бугарија, тврди претседателот Стево Пендаровски. Особено што тоа писмо беше испратено два дена по новата блокада на Бугарија во ЕУ, и што во него не било спомнато ништо од оние барања кои му биле испорачани на Зоран Заев и на македонската делегација за време на нивната посета на Софија, изјави Пендаровски во разговор за вестите на Сител.

„Станува збор за макретиншки трик затоа што тоа е одговор на нашиот предлог за акциски планови и секторска соработка. Тоа стига во Скопје два дена после Европскиот совет. Ако би биле само тие пет точки ни ќе почневме преговори уште лани. Се работи за обид да се претстави малку поинаку реалната ситуација“, истакна Пендаровски.

Одговарајќи на прашањето за обвинувањата на опозицијата дека Владата го распродава државниот идентитет, Пендаровски се повика на она што му го кажал премиерот дека такво нешто воопшто не се случило. „Не можам да шпекулирам дали тоа се случувало. Можам да ви кажам само што премиерот ми кажа дека е разговарано. Од сѐ што мене премиерот ми го кажа уште вечерта по целодневните раговори во Софија, нема такво нешто, ниту пишано, ниту вербално. Тоа е она што го знам“, рече Пендаровски.

Според него, сѐ додека Бугарија не направи политичка влада и не конституира парламент кој ќе има мандат од четири години, ние нема што да бараме од Софија, тврди Пендаровски. Тој ѝ даде препорака на Владата да не се впушта во длабоки политички разговори со Софија додека таму не се расчисти политичката ситуација и да се задржи на акциските планови за соработка со кои ќе се гради довербата.

„Моја препорака до Владата е да се задржи до секторските, акциските соработки и воопшто да не се обидува сега, во овој период, или во наредниот, ако немаат шанса да направат влада, да направи пробив по тие прашања“, рече Пендаровски.

Доколку Бугарија продолжи да ја блокира земјава на патот кон ЕУ, Пендаровски смета дека во тој случај не е лошо соработката со САД да се издигне на повисоко ниво од потпишаната Декларација со САД од 2008 година. Притоа, појасни дека не се работи за алтернатива на нашата стратешка цел – членството во ЕУ, туку да се добие поддршка од држава која има што да понуди во однос на владеењето на правото и безбедносните закани. Тој за тоа разговарал со премиерот заев, министерот Османи, но и со американската амбасадорка Кејт Брнз.

„Тоа е само идеја и засега немаме намера формално да одиме до тој предлог“, рече  Пендаровски.