Пендаровски: Без опструкции од ВМРО-ДПМНЕ можеме да влеземе во ЕУ и пред 2030-та

Имаме седум народи и делови од народи во Уставот, проблем ли е да ставиме уште шест делови од народи во истиот тој Устав


Претседателот Стево Пендаровски смета дека се реални најавите оти до 2030 година земјава може да влезе во Европската Унија (ЕУ), па дури и порано – без опструкции од опозицијата.

„Без внатрешни опструкции какви што гледаме за жал од македонската опозиција, можно е и пред тој рок и за тоа потврда и е госпоѓата министерка за Европа на Франција која рече дека може некои од државите на Западен Балкан да влезат пред 2030 година“,
изјави денеска претседателот од Охрид.

Запрашан дали очекува ВМРО-ДПМНЕ да се предомисли и да поддржи уставни измени, Пендаровски алудираше дека опозицијата се противи од политички причини за да дојде на власт односно има теснопартиско размислување што, пак, се судира со стратешките интереси на државата.

„Секој разумен човек ги знае аргументите ’за‘ и ’против‘. Ова е сосема јасна дилема, или си за Европа или си против Европа. Имаме седум народи и делови од народи во Уставот, проблем ли е да ставиме уште шест делови од народи во истиот тој Устав? Како тоа ќе ја загрози Македонија? Меѓутоа, ако имаш политички причини чекајќи ги следните избори за да дојдеш на власт, па потоа да му ја мислиш за Европа или за две третини за Устав, тоа е друга работа. Тоа не е стратешко размислување. Тоа е тесно партиско размислување кое сигурно се судира со стратешките интереси на Македонија“,рече Пендаровски.

Тој ги коментираше и изјавите од европските претставници во врска со проширувањето на ЕУ, меѓу кои и онаа на францускиот претседател Емануел Макрон кој рече дека Европската Унија треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“ за да се справи со проширувањето.

„Ние што подолго ги следиме тие процеси на европските интеграции знаеме дека тоа не е ништо ново. Макрон на почетокот на својот говор, специфично во тој дел кога зборува за внатрешно преуредување на ЕУ, вели ’ова што ви го кажувам сега ви го кажав и пред пет години‘. Тоа е неговата стара идеја, продлабочување пред проширување или продлабочување заедно со проширување. Пред пет години. Во меѓувреме, претседателот Макрон нема ниту една изјава во која вели дека Западен Балкан нема да влезе додека не го направиме продлабочувањето“,
рече Пендаровски.

Дека тоа е така, додаде претседателот, потврдува и изјавата на француската министерка за Европа Лоренс Бун која рече дека ЕУ може да се прошири и пред 2030 година. Според него, тоа погрешно се интерпретира поради домашни политички причини.

„Ако поради домашни политички причини барате изговор зошто да не гласате за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ и велите ’ние сме спремни да гласаме за Европа, само Макрон не нè сака‘, тоа е друго. Да бидеме прецизни, да бидеме реални, да биде фер кон нашите европски пријатели. До овој момент ниту еден од европските официози не рекол дека Западен Балкан нема да влезе, ниту една од шесте држави додека ние внатрешно не се доуредиме“,потенцираше Пендаровски.