Пендаровски: Без доверба во институциите, ја ризикуваме националната безбедност


Довербата на граѓаните во институциите се гради и заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние што ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме еднакви сите пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива, порача денеска претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, во обраќањето по повод Денот на Армијата.

Пред бројните гости на свеченоста што се одржа на Воениот стадион во Скопје, Пендаровски потенцира дека без доверба во институциите, ја ризикуваме националната безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани.

Првпат земјава го празнува Денот на Армијата како членка на НАТО, рече шефот на државата и го најави како врвен натамошен приоритет вложувањето во вооружените сили и нивна модернизација. Тоа го очекува и од новата влада и новиот парламентарен состав

– Организираниот криминал и високата корупција кои, за жал, се дел од нашето секојдневие ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и надежта за пристоен живот. Најважната обврска на нашата политичка генерација е воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Длабоко сум убеден дека нашето политичко наследство ќе зависи најмногу од успехот во остварувањето на оваа задача. Историјата нема да ни прости ако и овој пат не бидеме на вистинската страна, како што бевме и во Втората светска војна, подвлече Пендаровски.

Не е фраза, дополни, ако се каже дека да се биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот е голема привилегија, но и уште поголема обврска и кон граѓаните и кон сојузниците.

-Основната причина зошто сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО се нивните темелни вредности: владеење на правото и функционална правна држава како основен услов за економски и социјален развој, рече претседателот.

Според него, најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции.

Во обраќањето, Пендаровски нагласи и дека ова е голем ден, зашто првпат го празнуваме 18 август како членка на НАТО.

-Оваа годна станавме 30-та членка на НАТО. Членството е резултат на мнозинството наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади изминативе три децении. Неспорно е дека станува збор за исклучително историско постигнување кое ја гарантира нашата безбедност и ја јакне внатрешната кохезија на нашето мултиетничко општество. Полноправното членство немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на АРМ, без темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили и нивното учество во ризичните мировни мисии. Во остварувањето на нашата стратегиска цел, секогаш ја имавме и конзистентната поддршка од државите членки, посебно од САД кои од нашата независност до денес ни помагаат да изградиме стабилна, сигурна и просперитетна Армија и држава, рече претседателот и врховен командант.

Неговата врвна заложба ќе биде инвестирање во одбраната, а тоа го очекува и од новата влада.

-Мораме да ја модернизираме и опремуваме Армијата. Мојата врвна заложба како врховен командант, а тоа го очекувам и од новата влада, е во следните години да ја оствариме зацртаната цел за вложување најмалку два отсто од БДП во модернизација и развој на АРМ. Оваа заложба, заедно со новата влада и новиот парламент, ќе ја актуелизираме особено во пресрет на подготовките за Буџетот за следната година, истакна Пендаровски.

Се осврна и на справувањето со Ковид-19, услови во кои, рече, е особено горд на Армијата која покажа дека може да се справи со предизвиците.

Шефот на државата го почна обраќањето со навраќање во 1943 година кога на Славеј планина е формиран првиот баталјон во НОБ. Континуитетот меѓу баталјонот „Мирче Ацев“ и нашата современа Армија, посочи, не е само историски, туку е и вредносен.

-За време на Втората светска војна македонските партизански единици ба дел од глобалната коалиција која се спротивстави на фашистичкото и нацистичкото зло. Освен што беше реализирана најважната цел, слободата, партизанската војска беше на вистинската страна на историјата, на нашиот народ му обезбеди достојно место меѓу победниците кои го создаваа новиот светски поредок, потенцира Пендаровски.

Пред него се обратија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Пендаровски на свеченоста со Орден за воени заслуги ги одликува Баталјонот за воено-медицинска поддршка, Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада и Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави.

Одбележувањето на Денот на Армијата почна во 10 часот со почесна артилериска стрелба и со интонирање на македонска химна, на химната на НАТО, како и на химната на АРМ.

Со едноминутно молчење присутните им оддадоа почит на сите загинати и починати борци за слободата на државата, на загинатите и починатите припадници на Армијата, како и на сите жртви од КОВИД-19 во земјава и во светот.

Свеченоста се одржа согласно Протоколот за заштита од заразни болести за одбележување државни празници, а меѓу гостите беа премиерот Оливер Спасовски, како и претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор.