Пендаровски бара за казината и коцкарниците да се отвори јавна расправа


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски во присуство на австрискиот претседател Александер ван дер белен апелираше законското решение за игрите на среќа да не се става во процедура со европско знаменце туку да се спроведе јавна, сеопфатна и стручна дебата со цел да се дојде до балансирано решение во интерес и на вработените и на граѓаните. Гостинот,  Ван дер Белен, пак  изрази уверување дека македонскиот парламент ќе најде начин да го регулира ова прашање имајќи ги во предвид стандардите на ЕУ.

„Легитимно е да се размислува за заштитни мерки за граѓаните. Станува збор за мошне чувствителна област, но за ова прашање не разговаравме со претседателот Пендаровски. Сепак, верувам дека дека парламентот со сета сериозност ќе му пристапи на ова прашање“, рече Ван дер Белен.

Претседателот Пендаровски беше поконкретен и се затскри зад наводно јавниот интерес:

„Имам барање за средба од луѓе од здружението за игри на среќа и тоа ќе го сторам. Јас не сум експерт за таа област, но потребна е стручна дебата. Затоа, апелирам тој предлог закон да не оди со европско знаменце туку да се соочат сите аргументи низ стручна дебата и да се дојде до вистинско и балансирано решение, бидејќи имаме доста голем број на вработени во таа индустрија, но секако дека треба да се има предвид и интересот на граѓаните. И да нагласам, таквата дебата не треба да трае само три дена“, рече Пендаровски, инсистирајќи очигледно од брза прашањето да оди во редовна процедура во Собранието.