Пендаровски бара Џамбаски да се стави на „црната листа“ на Македонија (ВИДЕО)

Пендаровски ја нарече страшна изјавата на бугарскиот министер Милков за репресиите во Македонија, освен ако не мисли за 1941-44 година и го повика да ја посети Ваташа


 

Претседателот Стево Пендаровски на седницата на Советот на безбедност што се одржа попладнево им предложил на институциите, односно Владата и МНР, да го прогласат бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски за персона „нон-грата“, што би значело да му се забрани влез во Македонија. Освен за него, шефот на државата предлага забрана и за други бугарски државјани, а поради понижување и негирање на македонскиот народ.

„На вакви антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци можеме да одговориме на два начини. Првиот е со културна дипломатска реторика како досега, при што  тој круг на провокации што предизвикува насилство сигурно нема да заврши. Второ, со мерки кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви случаи. Мојот предлог до Владата е, согласно одредбите на Законот за странци, да му забранат влез во земјата  на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица државјани на Бугарија поради дејствија кои ги преземале порано и натаму ги преземаат против нашата држава. Законските услови за таква мерка постоеја и  порано и сѐ уште постојат. Тоа се: закана за националната безбедност, закана за јавниот поредок и закана за меѓународните односи на РСМ. Тоа значи дека, ако лицата се надвор од земјата, да не им биде дозволен влез и да бидат прогласени за персона нон-грата“, кажа Пендаровски.

Дел од лицата за кои Пендаровски побарал да им се забрани пристап во Македонија веќе од претходно имале мерки и биле протерувани. Според претседателот Пендаровски постојат сомневања дека дел од овие лица се поврзани со руската разунавачка служба.

„Поводот за седницата на Советот за безбедност не беше само немилиот настан во Охрид, бидејќи тоа е само мал дел во мозаикот. Според достапните анализи и сознанија, се работи за организирани активности од страна на структури во Бугарија, кои се активирани по усвојувањето на преговарачката рамка во јули минатата година. Овие структури се мобилизирани, логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање на повеќе лица на 4 февруари, кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки, тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат да бидат неми набљудувачи на тоа што се случува“, додаде Пендаровски.

Тој напомена дека, според неговите надлежности, може само да предложи ваква мерка, но најави дека ќе бидат преземени сите потребни безбедносни подготовки – од границата, сѐ до гробот на Гоце Делчев во скопската црква „Свети Спас“.

Потоа тој ги повика надлежните институции во Бугарија, кои според него, не се дел од овие сценарија, да ги изолираат политички луѓето кои не сакаат добрососедски односи, бидејќи ние  тоа го правиме кај нас.

„Македонија не ви е непријател, меѓутоа, оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме“, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека секоја сериозна држава во светот го прави истото, вклучително и Бугарија.

„Предлагам во наредниот период далеку подобра координација меѓу надлежните институции од двете земји, со цел, да не дозволиме европската агенда и билатералните односи да станат жртва на анахрони националистички и популистички политики од двете страни“, потенцираше претседателот.

Пендаровски притоа изјавата на бугарскиот министер Милков за репресиите во Македонија, ја нарече страшна и како што кажа единствено може да е точна ако мисли за времето 1941-44 година, а бугарскиот технички министер го повика да ја посети Ваташа, местото каде се стрелани 12 младинци.

Најавите за ваква можна нова бугарска провокација пред еден ден дојде и од Тодор Петров кој преку социјалните мрежи ги повика Македонците масовно да присуствуваат на гробот на Гоце Делчев а МВР да им забрани на бугарските националисти кои најавуваат дека ќе дојдат таму организирано со автобуси (како да немаат свои споменици на Гоце Делчев во Бугарија).

„Светскиот македонски лонгрес (СМК) најостро ги осудува милитантните најави, со закани за физички пресметки и ликвидации – ‘Ќе дојдеме илјадници, кој ќе крене рака на Бугарин, ќе остане без раката!’ – упатени од бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, претседател на фондацијата ‘Македонија’ од Бугарија, заради масовна прослава на 151-годишнина од раѓањето на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, на 4 февруари, во црквата ‘Свети Спас’ во 12 часот, со обезбеден превоз во автобуси и возила од Софија“, се вели во соопштението на СМК.

СМК апелира на масовно присуство на Македонците на 4 февруари во ‘Свети Спас’. СМК ги поддржува сите Македонци кои околу црквата ‘Свети Спас’ до Калето ќе се собираат од 3 февруари.

Фондацијата „Македонија“ е основана во април 2021 година, како што е објавено на официјалната страница, од Бугари во Бугарија, Македонија и Албанија, со цел „населението во Бугарија и Македонија да биде едно општество во две држави“.

СМК бара македонската Влада да ги прогласи за персона нон грата и да им забрани влез во државата Македонија на Виктор Стојанов, претседател на фондацијата “Македонија“, Милен Врабески претседател на фондацијата „Бугарска памет“, Костадин Костадинов претседател на партијата Преродба и пратеник, Ангел Џамбаски европратеник и потпретседател на ВМРО-БНД, Красимир Кракачанов од ВМРО-БНД и Андреј Ковачев, европратеник на ГЕРБ“, стои во најавата на Петров.