Пендаровски: 2020 беше помеѓу стравот и надежта


Претседателот Стево Пендаровски ја оцени годинава што изминува како една од најтешките од македонската независност. „Ја поминавме во постојана тензија помеѓу стравот и надежта. Стравувавме за нашето здравје и животи. Бевме загрижени и за економијата, за работните места, многу лични и професионални планови беа одложени. Но, најтрагично од сѐ, многу човечки животи беа изгубени“, рече Пендаровски во својата новогодишна порака до граѓаните. 

Според него, пандемијата покажа колку сме ранливи како луѓе. Истовремено разоткри и многу системски слабости што се извор на социјална нееднаквост и неправда. Тој вели дека не е утеха што овие слабости се покажаа и на многу други места во светот, не само кај нас. 

„Но, во сета таа болка и страв низ кои поминавме, имавме и причини за надеж. Таа надеж ни ја даваа нашите херои, здравствените работници, кои секојдневно, пожртвувано се борат за здравјето и животот на секој пациент, дури и на новогодишната ноќ.

Надеж ни даваа и хуманите луѓе со големо срце со своите донации и волонтерите со својата посветеност. Надеж ни даваа и оние кои и во вакви услови се бореа за социјална правда и  достоинствен живот“.

Пендаровски порача дека никој не знае каква година може да нѐ очекува но дека една работа е извесна: „Кризата нѐ менува сите, постепено, секој ден, и од нас самите зависи дали од неа ќе излеземе разединети и рамнодушни или сплотени и солидарни. Треба да знаеме дека секое добро дело продолжува да живее во луѓето на кои сме им помогнале и за кои сме се грижеле.

Пандемијата ќе помине. Ќе дојдат подобри денови. Ќе можеме да бидеме заедно, без страв. Но, и тогаш не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции. Мора да сме системски подготвени за следната криза, мора да ја закрепнеме економијата, да ја искорениме неправдата, да ги надминеме поделбите, да ги залечиме овие рани. Сите ние заслужуваме многу повеќе радост и среќа!“, нагласи Стево Пендаровски во новогодишната порака.