Пеливанов ги прераспредели предметите на кои постапуваше Русковска


 

Предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа комерц“, а по кои до нејзината суспензија од функцијата постапуваше Вилма Русковска, се презаведени и дадени на надлежно постапување на обвинителката Лиле Стефанова од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција и обвинителата Катерина Коларевиќ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од Jавно обвинителство информираат дека назначениот  обвинител Трајче Пеливанов за времено раководење со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел одлука за формирање четиричлена комисија за констатирање на состојбата со тековните предмети во обвинителството, која извршила увид и ја попиша целокупната документација по предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа комерц“.

Постапувањето по овие предмети, се вели во соопштението, ќе продолжи непречено.

По останатите предмети во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција немало никаков застој во постапувањето.

„Јавниот обвинител Пеливанов во изминатите неколку дена одржа неколку колегиуми со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се информираше за тековните прашања и ги презеде сите организациски и други надлежности во ова обвинителство“, се вели во соопштението од ЈОРСМ.