Пеле се извини што задоцнил да го поздрави рекордот на Меси во постигнати голови


Пеле во саботата го пофали „извонредниот“ Лионел Меси за соборување на неговиот рекорд како најдобар стрелец во националните репрезентации на Јужна Америка, но се извини за доцнењето во испраќањето честитки, јави АФП.

Хет-трикот на Меси во квалификацискиот натпревар за СП за Аргентина против Боливија на 9 септември дојде само четири дена откако бразилската легенда Пеле беше опериран поради сомневање за тумор на дебелото црево.

Здраво @leomessi, извини ако доцнам. Сепак, не сакав да ја пропуштам шансата да ти честитам за уште еден рекорд соборен претходно овој месец”, напиша Пеле на Инстаграм.

Вашиот талент кога играте фудбал е извонреден! Се надевам дека ќе постигнете уште повеќе, заедно со моите пријатели @k.mbappe и @neymarjr (во ПСG).”

Меси го надмина рекордот на Пеле од 77 меѓународни голови и сега може да се пофали со 79 такви погодоци во кариерата.

Во петокот, ќерката на Пеле рече дека нејзиниот 80-годишен татко направил „неколку чекори“ кон закрепнување по неговата операција пред три недели.

Овие последни денови, тој направи неколку чекори“, рече Кели Насименто во порака на Инстаграм со фотографии од двајцата како играат карти, додека Пеле се смее.

Тој ме научи како да играм карти и ме тепа по раце“, додаде таа.

Во средата, Насименто објави видео на кое Пеле ја пее химната на Сантос, неговиот поранешен клуб.

Пеле, кого многумина го сметаат за најголемиот фудбалер на сите времиња, во последниве години беше во лоша здравствена состојба и имаше различни престои во болница.