Пекинг призна дека има економски тешкотии, предвидува раст од пет проценти во 2024 година


Во Пекинг денеска официјално започна годишната седница на кинескиот Парламент, кој за оваа година постави цел за раст од околу пет проценти.

Премиерот Ли Кианг ја објави целта за раст на отворањето на годишниот Национален народен конгрес.

Ли рече дека економските перформанси на Кина се соочуваат со „тешкотии“ и додаде дека многу од нив „допрва треба да се решат“.

Целта што ја постави Пекинг за оваа година е далеку од двоцифрените стапки на раст забележани во 1990-тите и 2000-тите.

Кина е посветена на гарантирање на стабилноста на економијата во 2024 година, се наведува во владиниот извештај по повод годишната седница на кинескиот Парламент.

„Ќе продолжиме со напредокот и ќе гарантираме стабилност“, се наведува во документот.

Седницата на Националниот народен конгрес, клучниот политички состанок во земјата, започна со интонирање на националната химна во Големата сала на народот со поглед на плоштадот Тјенанмен, во присуство на претседателот Си Џинпинг и околу 3.000 делегати.

Годишната седница на Парламентот ќе трае до 11 март.