Пекинг има повеќе милијардери од Њујорк


Њујорк ја загуби титулата светски главен град на милијардери за прв пат по седум години.
Пекинг го надмина Големото јаболко во 2020 година, бидејќи доби 33 нови милијардери. Главниот град на Кина сега е на прво место и „за влакно“ е пред Њујорк бидејќи во него живеат точно 100 луѓе со богатство вредно милијарда долари и повеќе, додека во Њујорк има 99 такви.

Податоците доаѓаат од списокот на Форбс, кој покажува дека една четвртина од 2.755 исклучително богати живеат во само 10 градови во светот.

Исто така, дури 10 проценти од светските милијардери се наоѓаат во четири кинески метрополи.

Покрај Пекинг, меѓу 10-те главни градови на милијардерите се и Шангај, Шенжен и Хангжу, а на списокот е и Хонг Конг, специјален административен регион на Кина, кој е на високото трето место со 80 милијардери, пренесува РТС.

Сепак, и покрај тоа што Њујорк е на второ место, вкупното богатство на неговите милијардери е 560,5 милијарди долари, што е повеќе отколку што „вредат“ набогатите во Пекинг (484,3 милијарди долари).