Пекинг го наметнува кинескиот јазик и во Внатрешна Монголија, протести на Монголците
Намерата на кинеските власти да го инсталираат мандаринскиот кинески во училиштата во автономниот регион предизвикува страв од културна асимилација
Илјадници етнички Монголци протестираа низ северна Кина против плановите на Пекинг за замена на монголскиот јазик со кинески во некои училишни предмети.
Во вторникот се одбележа првиот ден на објавената политика во јуни, за постепено пренесување на наставниот јазик во училиштата во Внатрешна Монголија од монголски на мандарински кинески. Промената влијае на три предмети во следните три години во автономниот регион. Бирото за образование соопшти дека часовите по монголски и корејски јазик ќе останат.
Официјалното образложение за промената на двојазичниот образовен систем беше да се осигура дека наставната програма и учебниците се со висок стандард, но владините документи цитирани од аналитичарите, исто така, се однесуваат на напорот на претседателот Ши Џинпинг да се етаблира споделен јазик како дел од заедничкиот идентитет.
Сепак, масовните протести во Внатрешна Монголија – која се нарекува Јужна Монголија од страна на групите за етнички права и независност – ја открија длабочината на стравот дека монголскиот јазик ќе биде префрлен во странски јазик, како дел од владините планови за асимилација на етничките малцинства во кинеската хан култура.
Родителите се заканија дека ќе ги задржат своите деца дома и пишуваат петиции, а голем број луѓе се собраа пред училиштата да извикуваат протестни пароли и да пеат. Жителите протестираа и против недостатокот на транспарентност од страна на кинеската централна влада.
„Неотуѓиво право на Монголците е да учат монголски јазик“, гласеше еден плакат, според Радио Слободна Азија.
Енгебату Тогочог, директор на Центарот за информации за човекови права во Јужна Монголија со седиште во САД, за „Гардијан“ изјави дека регионот со децении бил цел на политики што претставувале културен геноцид, а луѓето немале верба дека јазичните промени се во нивна корист.
„Главната грижа на монголскиот народ е дека оваа јазична промена е само за да се избрише образованието за монголски јазик во Јужна Монголија еднаш и засекогаш“, рече тој.
„Во изминатите 70 години монголскиот народ помина низ многу работи, вклучувајќи геноцид, политичко угнетување, економска експлоатација, културна асимилација и уништување на животната средина. Значи, по 70 години тешка политика на Кина, монголскиот јазик е последниот преостанат симбол на Монголија“.
Тогочог ги отфрли уверувањата на владата и сугерираше дека сегашните промени се тест на отпорот на заедницата.
Промените се одраз на оние што веќе беа направени во Шинџијанг во 2017 година и во Тибет во 2018 година. Тибетскиот и ујгурскиот јазик во образованието се под сè поголеми ограничувања од почетокот на векот и обидите за асимилација на етничките малцински групи се засилија под водството на Ши.
Елбегдорџ Цахија, претседател на Монголија од 2009 до 2017 година, објави видео за поддршка на протестите, според преводот на Информативниот центар за човекови права на Јужна Монголија.
„Без оглед каде живеете, сè додека сте Монголец, треба да се придружите на ова движење. Без монголски јазик нема монголска нација“. (Гардијан)