Пекинг ги отфрли критиките од Џенет Јелен, вели дека ФЕД ги предизвикал проблемите со долговите во светот


Проблемите со долговите во светот се влошиле поради зголемувањето на каматните стапки од Федералните резерви на САД, тврдат од кинеската Влада

Кина ги нарече „неодговорни“ и „неразумни“ изјавите на американската министерка за финансии Џенет Јелен, која рече дека кредитните активности на Пекинг ги оставаат земјите во развој „заробени во долгови“.

Кинеската Влада соопшти дека проблемите со долговите во светот се влошиле поради зголемувањето на каматните стапки на Вашингтон од страна на Федералните резерви на САД, што Пекинг го нарече „стапка без преседан“.

„Не прифаќаме неразумни обвинувања. САД треба да преземат практични активности за да им помогнат на земјите во развој, наместо да покажуваат со прст во други земји и да даваат неодговорни коментари“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

Во обраќањето до американските конгресмени, Јелен рече дека е „многу загрижена за некои од активностите на Кина на глобално ниво“ и дека таа земјата се ангажира во земјите „на начин што ги остава заробени во долгови и не промовира економски развој”.

Таа додаде дека Вашингтон работи напорно за да се спротивстави на влијанието на Кина во меѓународните институции и на кредитирањето на земјите во развој.