Пекар од Берлин треба да плати казна од 25.000 евра поради правописна грешка

Сопственик на пекарница во Берлин ќе мора да плати казна од 25.000 евра бидејќи на рекламна табла кратенката за килограм ја напишал со големи букви „КГ“, наместо со мали, односно „кг“.

Државниот завод за мерни единици Берлин-Браденбург, при рутинска контрола, ја забележал оваа грешка и го пријавил сопственикот на пекарницата, Карстен Греве. На почеток Греве мислел дека се работи за шега. Но, сепак, работата била сериозна.

Имено, проблемот е во двосмисленоста на кратенката. Наводно, кратенката напишана со големи букви може да ги иритира купувачите или можат да ја заменат за Келвинов или Гаусов систем на мерни единици.

„Кој купувач би помислил дека овде се продава нешто друго освен леб и печива? Ова е само мала продавница за леб“, вели Греве, кој веќе ја поправи грешката.