„Пејпал“ доаѓа бргу и за примање пари?


Фото: Б. Грданоски

Ќе се отстрани пречката во регулативата македонските граѓани и фирми да отвораат и да користат сметки во странски електронски сервиси за платежни трансакции какви што се „Пејпал“, „Скрил“ и другите, и во делот на примањето пари. Во моментов, во Македонија, „Пејпал“ и другите сервиси функционираат само за плаќање.

Највисокото тело на Народна банка, Советот, на седницата кон крајот на месецов, се очекува да усвои измени на одлуката за начинот и условите под кои небанкарски институции и граѓани од земјава ќе можат да отвораат и да имаат сметки во странство. Со тоа се отвора можност и македонските граѓани, како последни во регионов, да користат алтернативни, небанкарски платежни сервиси.

Работите за целосно функционирање на „Пејпал“ во Македонија биле поттурнати во вторникот, на работна средба на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот на Народна банка со еден од најистрајните „Пејпал“-борци во земјава, Венко Глигоров. Но, овозможувањето услугата да биде функционална не значи автоматски и нејзина примена, бидејќи конечната одлука останува на „Пејпал“.

Ваквото либерализирање на платниот промет ќе овозможи полесен начин за пласман на производи и услуги од Македонија на странски пазари. Во изминативе години, македонски граѓани користеа „Пејпал“-услуги преку соседни држави.

„Пејпал“ минатиот месец ја покрена услугата „Xoom“ за пренос на пари во 32 земји во Европа. (А.С.)