Пехарот на Мундијалот од злато го прават Италијанци- за првакот копија, оригиналот за ФИФА


Италија/ ОАЕ– Фабриката GDI Bertoni, која се наоѓа во близина на Милано, со години произведува трофеи и медали за најдобрите фудбалски тимови, вклучувајќи го и трофејот за победниците на Светското првенство.

Седиштето на GDE Bertoni е мала зграда лоцирана во индустриска област во Падерно Дугнан, град на периферијата на Милано во северна Италија.
Зградата е на два ката со канцеларии и работилници и само десет работници. Токму тука, во последните 50 години, тие произведуваат еден од најпознатите предмети на планетата – трофејот од Светското првенство.

Во почетокот на 1970-тите, откако Бразил по трет пат го освои трофејот „Жил Риме“ на Светското првенство во Мексико Сити против Италија, започна приказната за најпознатиот трофеј во светот.

Според тогашните прописи на ФИФА, трите победи на првенствата во 1958, 1962 и 1970 година значеа дека Бразилците го однесоа трофејот „Жил Риме“ дома, наместо да го вратат во седиштето на Светската фудбалска федерација во Цирих, како што се случи предходно.

Купот Жил Риме беше привремен додека еден тим не ја освои титулата светски шампион три пати. Бразил успеа во тоа во 1970 година, па трофејот стана нивна трајна сопственост.

Во просториите на Фудбалскиот сојуз на Бразил беше 13 години.

Тогаш ФИФА ја препозна потребата за дизајн и производство на нов куп и започна меѓународен натпревар на кој пристигнаа 53 примероци од целиот свет.

Меѓу нив беше и примерок дизајниран од миланскиот скулптор Силвио Газанига, уметнички директор на компанијата Бертони, кој и денес е високо ценет, шест години по неговата смрт.

Првично, дизајнот прикажуваше двајца голмани кои ги креваат рацете и ја држат топката над нивните глави. По разни дискусии, скицата на скулптурата беше сменета, а двајцата голмани беа заменети со два ангела на победата. И наместо топка, беше нацртан глобус.

Репрезентацијата на Западна Германија беше првата репрезентација која го освои овој трофеј на Светското првенство во 1974 година.

Пехарот е долг 38 сантиметри и тежок 6,2 килограми.

„Постои само една оригинална копија од трофејот на Светското првенство што останува кај ФИФА. Тој трофеј оди кај победничката екипа за време на доделувањето на наградите по финалето. Изработен е од 18-каратно злато и е вратен на ФИФА, која потоа го испраќа во таа италијанска работилница за да го изгравира името на победничката екипа на дискот подолу веднаш по церемонијата на доделување награди.

Победничкиот тим добива реплика на трофејот, не направена од злато, туку од златен месинг, на која е врежано неговото име.

Во Катар веќе има трофеј, но и реплика на пехарот, подготвена за репрезентацијата која ќе го освои турнирот по финалето кое ќе се игра на 18 декември.

Во Бертони, кој произведува и трофеи за Лигата на Европа, УЕФА Суперкупот и Лигата на шампионите, работниците веќе работат на производство на трофејот за Светското првенство во 2026 година, чии домаќини заеднички ќе бидат Канада, САД и Мексико.

Оваа италијанска компанија секогаш четири години однапред го подарува пехарот за победникот на Светското првенство. (Политика)