Педро Санчез најави голема одлука, Шпанија ќе ја признае државата Палестина до јули


Премиерот на Шпанија Педро Санчез најави дека оваа земја наскоро ќе донесе важна одлука за признавање на државата Палестина.

Оваа информација Санчез ја сподели со медиумите за време на турнејата на Блискиот Исток и нагласи дека Шпанија ќе донесе одлука до јули.

„Санчез очекува Шпанија до јули да ја признае Палестина како држава и додаде дека верува оти во рамките на ЕУ наскоро ќе има критична маса која ќе поттикне неколку земји-членки да заземат ист став“, пишуваат шпанските весници.

На состанокот на Европскиот совет на 22 март, Санчез рече дека постигнал договор со лидерите на Ирска, Малта и Словенија за преземање на првите чекори кон признавање на палестинската државност.

„Се согласивме дека единствениот начин да се постигне траен мир и стабилност во регионот е преку спроведување на решение за две држави, со тоа што израелските и палестинските држави ќе живеат рамо до рамо, во мир и безбедност“, се вели во заедничката изјава.

Девет од 27-те земји-членки на ЕУ во моментов го признаваат правото на Палестинците на држава според границите од 1967 година, кои ги вклучуваат Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим.