Педесет нови милијардери на листата на „Форбс“ доаѓаат од здравството


Вакцините против корона вирусот произведоа нови милијардери – лекари и научници – кои се најдоа на списокот на магазинот „Форбс, пренесуваат агенциите.

На листата се милијардери заслужни за создавање на вакцината против короната, а Форбс“ во здравствениот сектор оваа година пронајде 50 нови милијардери.

Меѓу нив најистакнати се научниците кои стојат зад двете најуспешни вакцини против корона вирусот – оние развиени од „Фајзер“ и „Бaјoнтек“ и другата од „Модерна“.

Извршниот директор на Бајонтек, Угр Сахин сега е „тежок“ 4,2 милијарди долари, додека извршниот директор на „Модерна“, Стефан Банчел има 4,1 милијарда долари. Тој неверојатен подем на Модерна создаде милијардери од нејзините први инвеститори, имунологот Тимоти Спрингер од Харвард и научникот од МИТ, Роберт Лангер.

Сепак, профитот не беше постигнат само од вакцините, туку се збогатија и компаниите кои се занимаваат со развој на лекови кои помагаат да се потиснат симптомите на корона вирусот.

Така, извршниот директор на канадската биотехнолошка компанија AbCelera, Карл Хансен, сега има 2,9 милијарди долари, бидејќи неговата компанија излезе во јавноста со третманот со антитела на 11 декември, што го разви во соработка со фармацевтскиот гигант Ели Лили и доби одобрение од американската Агенција за храна и лекови.

Компаниите кои им помогнаа на поголемите компании да тестираат нови лекови добро се пласираа на пазарот и заработија големи суми на пари, па така, Август Трендл, основач и извршен директор на истражувачката фирма „Медпеј“ со седиште во Синсинати, сега има 1,3 милијарди долари.

Милијардерите доаѓаат од различни земји, но повеќето се од Кина, земја која се смета за епицентар на вирусот корона.

Меѓу најистакнатите кинески милијардери е претседателот на производителот на медицински помагала Контек Медика Системс Ху Кун.

Заработката на овој производител се зголеми за околу 150 проценти како резултат на силната продажба на производи во странство како што се пулс – оксиметрите или уредите кои ја анализираат состојбата на белите дробови.