Пецаков на вечера со Црвенковски во Охрид


Инфомакс објави фотографија според која на вечера во еден познат охридски ресторан се актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков како и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Саше Донев. Интересно е што во нивно друштво е и поранешниот премиер и претседател на Република Македонија од СДСМ, Бранко Црвенковски.

Од самиот почеток на создавањето на Движењето За наша Македонија членови на СДСМ од каде произлезе овој субјект, но и познавачи на внатрепартиските прилики во СДСМ, тврдеа дека зад целата оваа операција стои лично екс лидерот на партијата Бранко Црвенковски.

Оваа фотографија може да се толкува на различни начини, првиот е дека Црвенковски потврдува дека стои зад ЗНАМ, вториот дека ЗНАМ е продукт на меѓусебните пазарење на Црвенковски и ВМРО-ДПМНЕ за „осакатување“ на СДСМ.

Но покрај ваквите толкувања, фотографиите од „бранкојавление“ во Охрид (втората со кандидатка на ЗНАМ за советничка во Охрид) можат да се толкуваат и како давање на вештачко дишење и реанимација на ЗНАМ, партија која за година и половина експресно ги троши кредитите спечалени на минатите избори.

Испитувањата на јавното мислење укажуваат дека довербата кон ЗНАМ е сериозно нарушена и тоа од самото членство на партијата затоа што овој субјект наместо да биде автентичен коректор на власта, денес е тивок послушник на политиките на големиот брат во Владата, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму, не може да се исклучи можноста дека со излегувањето „од плакар“ на Црвеновски и признанието дека токму тој стои зад ЗНАМ, се прави обид за некаква мобилизација на разочараното членство.