Пченицата се откупува над 10 денари за килограм


Земјоделците се жалат на ниска откупна цена на пченицата. Велат, мелничарите им нудат најмногу 9 денари за килограм пченица, иако тоа не е ниту оддалеку рентабилна цена. Новиот министер за земјоделство смирува – откупната цена се движи повеќе од 10 денари.

„Цената зависи од квалитетот на пченицата. Кога зборуваме за цена од нива, на таа цена се додаваат транспортните трошоци и данокот. Се покажува дека цената е подобра од минатата година. Сепак, зависи од квалитетот и договорните услови и видот на производство. Оние со поголеми количини се во подобра позиција да преговараат за повисока цена, додека малите земјоделци, бидејќи имаат проблем со складирањето, принудени се да ја продаваат веднаш, и по пониска цена“, изјави вчера министерот Трајан Димковски.

Иако задругарството сè уште не дава значајни резултати, Министерството продолжува со поттикнување на земјоделците за поголемо здружување.

„Земјоделците здружени во задруги со големи обработливи површини и повеќе добиток гарантираат усогласен квалитет на пазарот, но и поголема конкурентност и пробивање на македонските производи на странските пазари. Кога се здружени, можат полесно да реализираат крупни инвестиции, да конкурираат за мерките од националните и ИПАРД-програмата, полесно да набават земјоделска механизација и да имаат помали трошоци“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Димковски, кој заедно со директорот на Платежна агенција, Николче Бабовски, присуствуваше на „Денови на млекото и кооперативното здружување“ во Битола.