(Галерија) „Денови на медот“: Пчелите и медот да бидат заштитени со закон


Фото: Б. Грданоски

Медот во земјава повеќе се консумира како лек, а не како храна. Трошиме помалку од еден килограм по глава на жител, за разлика од Словенија која троши девет или Јапонија која троши 16 килограми по глава на жител. Да го смениме односот и да го прифатиме медот како значаен производ во исхраната. Да се едуцираме повеќе и да научиме како се препознава вистински, квалитетен мед, а државата да го заштити со закон.

Ова е пораката од годинашната 17. манифестација Денови на македонскиот мед што беше отворена денеска, а ќе трае до 26 септември. На штандовите поставени долж улицата „Македонија“ во центарот на Скопје, посетителите имаат можност да дегустираат и да купат различни видови мед, полен, восок и други производи од наши македонски пчелари.

За жал, денес се поприсутен е мед кој се меша со различни сирупи за да се добие профит. Со тоа се уништуваат неговите природни својства, а кај луѓето се јавуваат аномалии и најразлични заболувања.

„Нам, на пчеларите, ни останува да ја вратиме довербата кај потрошувачите, а тоа можеме да го направиме само со едукација и со поддршка од надлежните институциии. Најважна наша цел е преку непосредни контакти, да ги едуцираме граѓаните како да препознаат вистински мед во напливот на фалсификати, но сакаме да укажеме и колкава е важноста на медот во секојдневната исхрана“, порачуваат пчеларите.

Да се има сопствен македонски мед, а притоа и автохтон вид македонска пчела, е причина за гордеење, уште повеќе ако се знае дека нашиот мед на сите светски манифестации, саеми и натпревари ги добива највисоките награди, како потврда за неговиот квалитет.

„Медот никогаш не се расипува и е исклучително богат со минерали, витамини и антиоксиданси поради што се вбројува во суперхрана и супер лек, велат производителите – изложувачи.

Деновите на македонскиот мед ги организира пчеларското здружение „Матица“, со финансиска поддршка од МЗШВ. Посетителите имаат можност да дегустираат и да купат различни видови мед и други пчелни производи од наши, македонски пчелари, но и да добијат, ако сакаат, совети како да се препознае квалитетен, вистински мед.

Годинашните Денови на македонскиот мед имаат и хуманитарен карактер – обезбедија мед и други пчелни производи за децата со попреченост. (Фото: Борис Грданоски)