Павле Трајанов се пазари со ВМРО-ДПМНЕ – ќе прифати помалку пратеници


Фото: Б. Грданоски

Во Собранието денес се одржа средба помеѓу Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник, со Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Антонио Милошoвски, пратеник и претседател на Комисијата за надворешна политика.  

Од Демократскиот соју информираат  дека на средбата лидерoт на ДС ги презентирал ставовите на партијата, во врска со реформите на изборните правила, кои треба да се одвиваат во три фази.

„Во првата фаза да се донесат измените на Изборниот законик, до кои Македонија ќе биде една изборна единица и без изборен праг. Во втората фаза, да се направат коренити реформи на изборните правила, со кои ќе се отстранат системските предности на четирите партии, посебно во врска со медиумското претставување и финансирање на изборната кампања од Буџетот на државата. Во третата фаза, да се направат уставни промени со кои ќе се намали бројот на пратеници од 120 на 90, како определба на Демократскиот сојуз за рационализација не само со намалување на бројот на пратеници, туку и бројот на министерствата, бројните агенции, регулаторни тела и слично“, соопштија од ДС.

 Во соопштението сепак нема став за најважниот услов на ВМРО-ДПМНЕ, предвремени избори.

Прашан до кога треба да се донесат измените на Изборниот законик, Трајанов рече дека очекува во текот на следните 15 дена Комисијата за политички систем и односи со заедниците да започне расправа по предлог Законот, кој што веќе е во парламентарна постапка.

– Цврсто стоиме на ставот дека треба да се променат изборните правила, затоа што навистина Парламентот ќе биде одраз на реалната определба на граѓаните, а не како досега, изјави Трајанов.

За да се донесе Законот, посочи Трајанов, треба да гласаат мнозинството пратеници и дека такво мнозинство сега, според искажаните определби на повеќе партии, има.

– Најавивме разговор и со ДУИ и со Али Ахмети и претставниците од другите партии, доколку се подготвени да разговараме, но сакам да се отвори расправата во Парламентот, да помине тоа на седница и ќе предложам да се одржи јавна расправа, на која ќе го поканиме сите парламентарни и вонпарламентарни партии, ОБСЕ, ОДИХР, ЕУ и експерти од НВО за да ги видиме нивните аргументи, кои се за, а кои се против за измените во изборната регулатива, изјави Трајанов.

Трајанов, исто така, повтори дека Демократскиот сојуз е апсолутно за укинување на Пржинската влада, бидејќи таа, како што нагласи, е надвор од уставниот систем и дека за нив е прифатливо само 20 дена експертска влада, на предлог на претседателот на државата.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ порача дека предлогот за намалување на бројот на пратеници, што очигледно им служи за да ги седнат на маса помалите партии и да ги убедат за предвремени избори, може да и донесе многу корист на државата.

-Со 90 пратеници, за четири години ќе се заштедат пари за две училишта, 4 градинки или една амбуланта. За 4 години со Собрание со 90 пратеници, што е за 30 пратеника помалку од сега ќе се заштедат околу 4 милиони евра. Тоа се пари кои наместо во плаќање на функционери со разни привилегии ќе се насочат кон народот.За само 4 години со 90 пратеници, две општини низ државата можат да добија по едно ново училиште. За 4 години со 90 пратеници, 4 општини ќе добијат по една градинка, додека за истиот период може да се изгради и нова амбуланта.Со 90 пратеника на долг рок се крати на трошоци и се добиваат повеќе средства за инвестиции, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

– ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери од денес почнуваат суштински разговори со парламентарните политички партии.Целта на средбите се измените кои што се предлагаат односно формирање на една изборна единица нешто што како Предлог – закон е стигнат во Парламентот потпишан од одреден број на наши колеги пратеници. Во текот на денешниот ден имавме средба со Демократскиот сојуз претставуван од колегата пратеник Павле Трајанов и со ВМРО – Народна партија и на средбата беше колегата пратеник Љупчо Балковски, со кој што поразговаравме за овие актуелни теми за кои што разговараме сега. Една изборна единица беше темата на разговорите за која што се дискутираше на тие средби и секако можноста за размислување односно нивните предлози за поставување на одреден праг при тие изборни процеси.

Со различни идеи се политичките партии, на крај заклучивме дека овој процес треба да отпочне во насока на демократизација на државата. Гледаме дека се создава клима за оваа работа и процесот ќе продолжи и во наредниот период.Секако со отворањето на самата тема односно со поставувањето на законот на Комисија, а потоа и на пленарна седница, ќе има можност за истиот да се разговара, да бидат употребени анализите од компаративното право кои што ќе дадат размислување дали и колку би требало да биде прагот и на кој начин да продолжи активноста односно целиот процес околу ова законско решение.

Во текот на утрешниот ден, како што напоменав ќе имаме дополнителни средби и со други претставници на парламентарни партии на кои што ќе размениме мислење и искуства во однос на ова законско решение, соопшти координаторот Никола Мицевски по средбата.