Павле Трајанов бара оставки од Бујар Османи и Бојан Маричиќ


Фото: Б. Грданоски
 
Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денеска ги повика членките на ЕУ да не ја прифатат преговарачката рамка за преговорите со Македонија што ја предложи Франција, затоа што на „суптилен начин се вградуваат националистичките барања  на Бугарија, а со Протоколот усогласен помеѓу претставници на двете влади детално се разработува нејзината имплементација“.
 
Трајанов смета дека Владата на Македонија не треба да го прифати францускиот предлог и ги повика земјите-членки на Европската унија, посебно Хрватска, Словенија, Австрија, Чешка и Словачка, да стават вето но ставање на дневен ред на Преговарачка рамка во која се вградуваат националистички барања на Бугарија сврзани со идентитет, јазикот, историски и образовни прашања. ЕУ треба да се држи до основните европски вредности и принципи и Копенхашките критериуми, вели ДС. 
 
Потоа, поради тоа што претставници на Владата директно биле вклучени во преговорите со Бугарија,ДС бара оставки на министрите за надворешни работи и евроинтеграции, Бујар османи и Бојан Маричиќ.
 
Во исто време, Демократскиот сојуз се изјасни дека е против францускиот предлог и ги повика граѓаните своите ставови да ги искажат преку социјалните мрежи или со мирни протести, за да „види Европската унија дека овде има силен граѓански – народен отпор против загрозување на македонскиот национален идентитет“. 
 
Павле Трајанов потврди дека Демократскиот сојуз ќе ја  повлече поддршката на Владата доколку  се согласи преговарачката рамка да биде усвоена од Советот на Европската унија.