Павле Трајанов бара од Брисел да ја обврзат Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците

На денешната прес-конференција, Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник, рече дека за уставните промени нема граѓански и политички консензус, бидејќи тие се резултат на бугарските непринципиелни барања и надвор од Копенхашките критериуми.
-Владата ја прифати Преговарачката рамка без експертска анализа, поширок граѓански и политички консенсуз и рамка во која се вградени билатерални прашања наметнати од Бугарија, прашања со кои се отвораат историски, образовни, јазични, културни и идентитетски дилеми, со кои во суштина се негира историскиот континуитет на македонскиот народ и автентичноста на македонскиот јазик.Преку Комисијата за историски и образовни прашања и годишните протоколи, кои се составен дел од Преговарачката рамка, се оспорува македонскиот карактер на историските настани, македонските револуционери, па дури и Охридската Архиепископија.Во суштина се „сечат“ корените на македонскиот народ, со што се доведува во прашање и неговата иднина и просперитет.
Ковачевски, Османи и Маричиќ, како и ДУИ и СДСМ, вршат огромна манипулација дека наводно ЕУ го признава македонскиот јазик. Но вистината е дека во ниту еден документ не стои дека по приемот на Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе биде службен, официјален јазик во ЕУ.Во заклучоците на Советот на ЕУ стои само дека преводот на материјали (директиви, одлуки итн.) ќе се врши на макеонски јазик, но и дека Бугарија и Македонија имаат право да дадат свои унилатерални изјави околу јазикот, кои се составен дел на пакетот документи и одлуки на ЕУ поврзани со евроинтеграциските процеси на Македонија, стои во реакцијата на партијата.
Затоа, Павле Трајанов до Европската Унија и до претседателот на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен, ги упати следните барања:
Прво, Советот на Европската Унија да донесе одлука со која ќе ја обврзе Бугарија да ги спроведе одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, да им дозволи регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија за негување на нивните идентитетски, јазични, културни и други особености. Да се обезбеди реципроцитет.
Второ, Советот на Европската Унија од Преговарачката рамка да ги изостави билателарните прашања или најмалку да донесе одлука со која ќе се дадат гаранции дека билатералните прашања не можат да бидат основа за блокада на Македонија на патот кон ЕУ.
И трето, Советот на ЕУ да донесе одлука за тоа дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик по приемот на Македонија во ЕУ.