Павле Трајанов бара да се намали бројот на пратеници на 90

Пратеникот Павле Трајанов денеска прв се обрати на продолжението на собраниската седница за избор на новата Влада. Тој предложи да се намали бројот на пратеници, како што рече, од 120 на 90.

Трајанов предложи и Македонија да биде една изборна единица, а да остане пропорционалниот модел.

„Треба да се остави можност претседателот на државата да може да го распушта парламентот, како што е принцип во повеќе држави, наспроти домашното решение кое предвидува самораспуштање на пратениците“, рече Трајанов.

Тој предложи и да се испита имотот на политичарите.

„Да се изгради систем за детекција на скриен имот на политичарите. Октоподот треба да се удри со чекан по глава за да не ја изеде политиката“, истакна Трајанов.

Тој ги повика сите функционери да не се дружат со мафијата и криминалците, зошто така не може да се дојде до правда.

„Ги повикувам сите лидери на партии и функционери, да не се дружат со мафијата и криминалното подземје, бидејќи таквата дружба го разорува целокупниот систем на државата. За политичарите е компромитација, но криминалците ги прави недопирливи за правдата“, заклучи Трајанов.