Павле Богоевски најави оставка во парламентот
Павле Богоевски најави оставка од пратеничката функција во почетокот на седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања во Собранието.
Богоевски пред малку ја најави оставката, одговарајќи на барањето на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ дневниот ред на денешната комисиска седница да се дополни со точка за утврдување на прекршувања на собранискиот Кодекс од страна на независниот пратеник од листата на СДСМ.
Богоевски се најде на удар на јавноста по објавувањето на снимката од негов телефонски разговор, кога тој наводно нарачувал масло од канабис за медицински цели.
Тој рече дека гласањето за одземање на мандатот на Груевски ќе биде неговата последна одлука во парламентот. Рече дека ќе понесе политичка одговорност и дека е подготвен да се соочи со последиците и побара од надлежните органи целосно да го расветлат случајот.