Пауновски: Угостителите да не ги отвораат објектите пред да се укине забраната

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски денеска апелираше да се почитуваат одлуките за забрана за работа се до официјално соопштување на најавените промени.

– Многу објекти се осмелија дури и во полициски час да отвораат и да се собираат луѓе. Се што правиме е за здравјето на луѓето. И синоќа и ноќта пред тоа затворавме објекти и во Тетово, Врапчиште и во Гостивар. Упатувам апел барем во полициски час да не доаѓа до тоа инспекторите кои се по цел ден на работа да бидат повикувани од полицијата за да затвораме објекти бидејќи, пред се, сите кои одат во такви објекти го загрозуваат и нивното семејство, рече Пауновски на редовната прес-конференција на Инспекцискиот совет.

Инаку, пазарните инспектори од 4 до 11 месецов извршиле вкупно 2.221 инспекциски надзори при што затвориле пет угостителски објекти во Кичево, Охрид, Тетово и Струмица, кои работеле и покрај забраната со мерките од Владата за спречување на ширењето на вирусот Ковид -19.  За објектите во Охрид и Струмица ќе следат и прекршочни пријави.

Евидентирани се и пет прекршоци за непочитување на замрзнатите цени или несорботка при надзор во повеќе населени места и дополнително се запачетени три кафемати во Штип.

Шесте инспекторати при Инспекцискиот совет од 4 до 11 мај реализирале вкупно  3.690 вонредни надзори.